Народната банка ја намали проекцијата за растот на економијата во однос на октомвриската проекција на 3 % од 3,3 %. Централната банка во пролетната проекција предвидува растот на домашната економија постепено да забрзува во периодот 2025 − 2027 година. За периодот 2026 − 2027 година, оцените и понатаму покажуваат раст на економската активност од 4 %.
– Се очекува дека главен носител на економското закрепнување ќе бидат, пред сè, инвестициите, поддржани од јавниот инфраструктурен циклус и странските инвестиции. Позитивен поттик се очекува и од личната потрошувачка, во услови на раст на расположливиот доход и на кредитирањето. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни – велат од НБ.
За 2025 година се предвидува умерено продлабочување на дефицитот на 3,2 % од БДП. Ваквите поместувања во најголем дел ќе произлезат од понискиот суфицит кај секундарниот доход, согласно со очекувањата за стабилизирање на номиналниот износ на нето-приливите од приватните трансфери, како и од проширувањето на дефицитот на стоки и на услуги. За преостанатиот период на проекцијата, 2026 − 2027 година, се очекува подобрување на тековната сметка, при проектиран дефицит на тековните трансакции во просек од 2,7 % од БДП.
Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи на финансиската сметка, поддржани од странските директни инвестиции и од долгорочното задолжување на државата. Исто така, се очекува и задржување на девизните резерви на соодветното ниво.
Банкарскиот систем и понатаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка за економијата. До крајот на 2025 година, се очекува дека кредитниот раст ќе изнесува 9 %. Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,3 % за периодот 2026 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидносна позиција на банките. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот од 2025 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,5 %, а на среден рок, за периодот од 2026 до 2027 година, од околу 7,7 %, во просек.
Во првото тримесечје од 2025 година, Народната банка продолжи со постепеното нормализирање на монетарната политика, со намалување на каматната стапка во февруари. Оттогаш наваму не се направени промени во монетарната политика, во услови на поволни движења, но поизразени ризици. Засега, се оценува дека сегашната поставеност е соодветна на економските услови, имајќи ги предвид и ризиците од надворешното и од домашното окружување. Народната банка, како и досега, внимателно ќе ги следи движењата кај најважните показатели и ризиците од надворешното и од домашното окружување и ќе ги презема сите неопходни мерки користејќи ги сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс и на ценовната стабилност.