Двократниот светски шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо, продолжува да ги критикува модерните болиди. Тој го истакна проблемот анализирајќи го однесувањето на новите болиди според прописите од 2026 година.
За возач од негов калибар, техничкиот напредок го убива човечкиот фактор, а Формула 1 станува премногу едноставна за возачите.
Двократниот светски шампион вози повеќе од 20 години во Формула 1 во широк спектар на болиди, каде што возачот беше навистина во центарот на вниманието.
Како што напредуваше Ф1 и се префрлаше на сè повеќе „електрични“ болиди така улогата на возачот сè повеќе ја губеше важноста во споредба со самиот болид.
Магичните движења за престигнување што ги изведуваше Фернандо во својот болид на Рено, кои покажаа дека е еден од најдобрите возачи во историјата, сега изгледаат како далечно сеќавање.
- Се соочуваме со многу сериозен проблем. Ако стигнеме до точка каде што секој може да влезе во болид од Формула 1 и да биде брз од првиот ден затоа што болдот прави сè за него, се соочуваме со многу сериозен проблем – признава Алонсо.
Тој верува дека активната аеродинамика и преголемата зависност од управувањето со електрична енергија ги претвориле болидите во премногу предвидливи машини.
Новите прописи, со поделба на моќноста 50:50 помеѓу моторот со внатрешно согорување и електричниот мотор, бараат многу постратешко, а помалку физичко возење. На ова се додава постојаното приспособување на крилата за намалување на отпорот, што во „падокот“ остава измешан впечаток и дава чувство на натпреварување на „Сони плејстејшн“.
Во овој контекст, Алонсо истакна колку е лесно да се возат денешните болиди.
- Можеби не готвач, но барем 50 % од тимот би можеле да ги возат овие болиди. Само треба да ја кренете ногата од гасот или да ја намалите батеријата и таа се полни. Значи да, повеќе нема предизвик во брзите кривини – рече двократниот шампион.
По овие изјави, тој покажа и одреден песимизам и покрај можните промени во текот на априлската пауза.
- Тешко е да се променат работите, бидејќи секогаш ќе постои прашањето за моќта што се користи во правците и заштедата на енергија. Ова нема никаква врска со вистинскиот мотоспорт – порача Алонсо.
Ова не е прв пат Алонсо да ја преземе улогата на критичен глас кон ФИА. Останува да се види дали канцелариите на ФИА ќе ги земат в предвид зборовите на најискусниот возач во историјата.











