Доналд Трамп ги повтори вчерашните изјави на неговиот потпретседател, велејќи дека и двајцата се подготвени да се повлечат од преговорите доколку не видат доволен напредок. Исто така, рече дека има „црвена линија“ во главата.
Говорејќи пред повикот на Трамп со Владимир Путин вчера, Џеј-Ди Венс предупреди дека ако Русија не е „подготвена да се ангажира“, тогаш „САД на крајот треба да кажат дека ова не е наша војна“, објави Скај њуз.
Трамп ги повтори истите зборови по повикот, велејќи им на новинарите во Овалната соба: „Ова не беше моја војна, тука сум само да се обидам да помогнам“.
На новинарско прашање дали има црвена линија што ќе го натера да се повлече, тој одговори: „Да, во мојата глава, но тоа не е нешто што ќе го објавам“.
Но, додаде тој, „да“, „дефинитивно ја имам во мојата глава“.
„Ова не е моја војна“
Украина, Русија и САД претходно изјавија дека се отворени за преговори во Ватикан, како што неодамна предложи новоизбраниот папа Лав XIV.
Доналд Трамп им рече на новинарите во Овалната соба доцна синоќа дека „би било одлично“ и дека ќе додаде дополнително значење на процесот.
Москва, исто така, го поздрави предлогот на Ватикан, но, според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, сè уште не е донесена одлука за локацијата на „можните идни контакти“.
Сепак, тие разговори можеби воопшто не ги вклучуваат САД, предупреди Трамп, истакнувајќи дека Вашингтон е подготвен да „отстапи“ доколку нема доволно напредок.