Студија на научници од Обединетото Кралство, Данска, Холандија и Швајцарија правена за периодот од 23 јуни и 2 јули годинава покажува дека бројот на смртни случаи поврзани со топлината во големите европски градови се зголемил за трипати за време на екстремниот топлотен бран. Претходно објавена студија, пак, предупредува дека доколку температурите пораснат за три степени во однос на прединдустрискиот период, жештините годишно би можеле да земаат по 129.000 животи
Околу 2.300 луѓе починале од причини поврзани со топлината за 10 дена од крајот на јуни и почетокот на јули годинава, кога Европа ја зафати топлотен бран. Од нив на климатските промени им се припишуваат 1.500 смртни случаи.
Ова е објавено во најновата студија за влијанието на климатските промени издадена овој месец. Таа покажува дека бројот на смртни случаи поврзани со топлината во големите европски градови се зголемил за трипати за време на екстремниот топлотен бран од крајот на јуни до почетокот на јули. Студијата е потпишана од научници од Обединетото Кралство, Данска, Холандија и Швајцарија, кои анализирале услови во 12 големи европски градови во периодот од 23 јуни и 2 јули годинава.
Студија издадена од Империјал колеџот во Лондон и Лондонската школа за хигиена и тропска медицина се однесува на градовите во кои климатските промени за време на десетдневиот топлотниот бран ги зголемија температурите до 4 Целзиусови степени. Меѓу нив се и Барселона, Мадрид, Лондон и Милано. Во многу градови во истражуваниот период температурите се искачија на екстремни нивоа, честопати надминувајќи 40 Целзиусови степени.
Според пресметките на научниците, кога не би било глобалното затоплување, за кое во студијата се наведува дека ги зголемило дневните температури во градовите за дополнителни 1 до 4 степени Целзиусови, од топлотен удар би починале 800 луѓе. Тимот истражувачи ги споредил реалните температури регистрирани во градовите во тој период со моделирани вредности што би се случиле без климатските промени. Потоа е пресметан очекуваниот број на смртни случаи поврзани со топлината во двете сценарија.
Неодамнешниот топлотен бран особено ги погоди ранливите групи, како што се луѓето со здравствени проблеми и постарите лица. Според научниците, 88 отсто од проценетите смртни случаи се случиле кај луѓе на возраст од 65 години и повеќе.
Друга судија, претходно направена студија, објавена во медицинското списание „Лансет“, покажа дека бројот на луѓе кои умираат како последица на жештините во Европа би можел да се зголеми за трипати до крајот на векот, а најмногу жртви би имало на југот на Европа. Доколку температурите пораснат за три степени во однос на прединдустрискиот период, жештините годишно би можеле да земаат по 129.000 животи.
Резултатите од ова истражување ги оспоруваат аргумените на оние кои тврдат дека глобалното затоплување е добро, зашто помалку луѓе ќе умираат од студ. Иако во Европа и понатаму повеќе луѓе страдаат од студ, отколку од високи температури, авторите на студијата заклучиле дека бројот на смртни случаи бавно ќе реагира на загревањето на планетата и дека можеби ќе порасне поради стареење на населението и неговата поголема чувствителност на опасни температури. Со глобално загревање од три или четири степени, растот на бројот на луѓето кои умираат од жештината значително ќе го надмине падот на бројот на смртните случаи од студ.
Резултатите укажуваат на тоа дека климатските промени би можеле да претставуваат „незапаметени предизвици“ за системите на јавното здравство, особено за време на топлотни бранови.
Бројот на луѓе кои годишно умираат од жештина и од студ во Европа до 2100-та година би можел да порасне на 450.000, дури и ако се постигне целта за огрничување на глобалното затоплување на 1,5 отсто.
Врз основа на податоци од 854 градови, авторите на студијата заклучиле дека жештините ќе однесат повеќе животи во сите делови на Европа, но најмногу во Шпанија, Италија, Грција и во некои делови на Франција. Заклучено е и дека напорите за прилагодување треба да се фокусираат на регионите со висока невработеност, сиромаштија, структурни економски промени, емиграција и стареење на населението, зашто таквите подрачја се потешко погодени со пораст на смртни случаи поради жештините и помалку се способни да се прилагдат на штетните последици од од климатските промени.