среда, февруари 25, 2026
Дома СВЕТ „Ова е златното време на Америка“, рече Трамп во рекордно најдолгиот говор...

„Ова е златното време на Америка“, рече Трамп во рекордно најдолгиот говор за состојбата на нацијата. Зборуваше час и 48 минути и се надмина себеси

52
epaselect epa12775090 US President Donald Trump delivers the first State of the Union address of his second term to a joint session of Congress in the House Chamber of the US Capitol in Washington, DC, USA, 24 February 2026. EPA/KENNY HOLSTON / POOL

Американскиот претседател, Доналд Трамп, вети долг говор за состојбата на нацијата и во вторникот вечерта, го одржа ветувањето. Тој зборуваше приближно 1 час и 48 минути, со што тоа негово излагање стана најдолгиот говор пред заедничка седница на Конгресот во последните најмалку 60 години, според проектот за американското претседателство, кој ја следи должината на секој говор од 1964 година наваму.

Со ова, тој го собори сопствениот рекорд што го постави минатата година, зборувајќи 1 час и 39 минути. Пред тоа, рекордот го држеше поранешниот претседател, Бил Клинтон, со своето обраќање за состојбата на нацијата во 2000 година, кое траеше 1 час и 28 минути, додека најкраток говор во такво обраќање имал поранешниот претседател Ричард Никсон, кој зборувал 28 минути во 1972 година.

Според „Дејли меил“, обраќањето за состојбата на нацијата на Трамп во вторникот било двочасовен спектакл на овации, исфрлање и остри критики. Трамп го одржа говорот фалејќи се себеси и својата политика: зборуваше за економскиот раст, за намалениот број имигранти, го пофали распоредувањето на Националната гарда на улиците на американските градови и ѝ честиташе на американската машка хокеарска репрезентација за освојувањето на олимпиското злато, пишува „Дојче веле“.

Трамп влезе во салата на Претставничкиот дом со аплауз, свирежи и со обиди за „селфи“ од страна на пратениците пред да се качи на говорницата за да сигнализира нова, агресивна фаза од своето претседателствување.

– Нашата нација се врати поголема, посилна и подобра од порано. Ова е златното време на Америка – рече тој на почетокот, додека неговите републикански сојузници го следеа со аплауз, меѓу другото потенцирајќи и дека Америка е „на прагот на ново златно време“.

Трамп ги пофали акциите на агентите на Ице низ градовите во САД, а фалејќи се за постигнувањата во економијата, ја критикуваше одлуката на Врховниот суд со која беа поништени неговите царини.

– По само една година, можам со достоинство и гордост да кажам дека постигнавме трансформација каква што не видел никој досега. Пресврт за сите времиња – рече тој.

Врвните членови на кабинетот, вклучувајќи ги и државниот секретар – Марко Рубио, министерот за одбрана – Пит Хегсет и министерот за финансии – Скот Бесент, гласно аплаудираа за сите „достигнувања“ на Трамп во текот на изминатите 13 месеци и, заедно со другите републиканци во салата, ги спречуваа реакциите на демократите со скандирањето „САД, САД“.  Во, можеби, најжешкиот момент од вечерта, Трамп ги повика демократите да застанат во поддршка на заштитата на американските граѓани.

– Станете ако се согласувате со оваа изјава: првата должност на американската Влада е да ги заштити американските граѓани, а не нелегалните странци – рече тој, а на оние што се спротивставија им рече дека треба да се засрамат.

Обраќањето за состојбата на нацијата му дава можност на претседателот да ја постави или „ресетира“ националната агенда. Трамп го имаше своето обраќање во момент кога повеќето Американци велат дека е земјата во полоша состојба отколку што била пред една година, според најновата анкета на НПР/ПБС Њуз/Марист.

ИЗДВОЕНИ