Прв на годишното рангирање на 28-те најмоќни луѓе во европската политика од страна на бриселски Политико оваа година е американскиот претседател Доналд Трамп, кого го нарекоа „Трансатлантски ударен бран“.
Рангирањето покажа дека никој нема поголемо влијание во или врз Европа од американскиот претседател.
Како што е наведено, Трамп понекогаш е партнер на Европа, понекогаш закана, а секогаш сила што ги преобликува односите според свои услови.
„Она што е јасно е дека Европа се справува со непредвидлив, доминантен партнер чии импулси можат да го превртат континентот наопаку преку ноќ“, објасни порталот од Брисел.
Политико пишува дека овој заклучок ги принудил да ги прекршат сопствените правила бидејќи листата на 28 најмоќни традиционално вклучува само Европејци, луѓе кои живеат или работат на континентот.
„Сепак, ако некогаш имало време да се направи исклучок, тоа е сега. Сенката на Трамп е толку голема над европските престолнини што неговите одлуки – или изливи на гнев – преобликуваа сè, од одбранбените буџети и трговската политика до домашната политика“, објави Политико.
По Трамп на листата на најмоќни е данската премиерка Мете Фредериксен, која е наречена „Северна ѕвезда“, по неа следуваат германскиот канцелар Фридрих Мерц и француската политичарка Марин Ле Пен.
Петти на листата на најмоќни е рускиот претседател Владимир Путин, седма е претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, осми е генералниот секретар на НАТО Марк Руте, унгарскиот премиер Виктор Орбан е 12-ти, а украинскиот претседател Володимир Зеленски е 14-ти.
Францускиот претседател Емануел Макрон е 19-ти најмоќен во европската политика, а Полјакот Карол Навроцки е 23-ти, додека претседателот на ФИФА Џани Инфанте е на последното место.












