„Отворени денови“ на Институтот „Крсте Мисирков“: Употребата на странска лексика и граматика го загрозува македонскиот јазик

24

– Македонскиот јазик, иако веќе 80 години се проучува и се штити во македонската држава како службен јазик на македонскиот народ и на македонската држава, сепак, секогаш има предизвици. Во овој момент, најголем предизвик е употребата на странските зборови и желбата на младите, модата, да зборуваат на еден од светските јазици – изјави проф. д-р Елена Јованова- Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, денеска, на отворањето на манифестацијата „Отворени денови“ на оваа научна институција.

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје до петок ги организира десеттите „Отворени денови“, со што се одбележува и Светскиот ден на науката, 10 Ноември.

Како што рече Јованова-Грујовска, оваа мода на младите ја гледаме во нивната меѓусебна комуникација, но, исто така, и кога разговараат со родителите.

– Иако зборуваат на македонски јазик, употребуваат премногу странска лексика. Додека е тоа на лексичко ниво, ќе речеме дека може да биде минлив процес. Меѓутоа, навлегувањето во рамките на граматичкиот систем е веќе голем проблем, затоа што на тој начин, всушност, се влијае на структурата на јазикот и затоа што ваквите промени остануваат. Тоа сме го виделе и преку балканскиот јазичен сојуз и преку други ситуации. Самата мода на употреба на некои зборови може да биде минлива категорија. Сметајте дека секоја генерација си има свој жаргон, свој сленг итн. Доколку така влегуваат англиските зборови во разговорниот јазик, немаме проблем. Францускиот јазик во 19 век бил јазик со престиж, а сега англискиот го гледаме, за жал, како јазик со престиж – рече Јованова-Грујовска.

Според неа, мора да има свест и меѓу новинарите, наставниците и родителите и таа да се пренесе на младите генерации: македонскиот јазик се зборува само овде, во независна Македонија, и македонскиот јазик ќе постои додека го употребуваме ние.

Во рамките на десеттите „Отворени денови“ ќе бидат одбележани неколку јубилеи: 80 години од усвојувањето на македонската азбука и од објавувањето на првиот македонски правопис во македонската држава, 100 години од излегувањето на „Абецедарот“, како и неколку годишнини од раѓањето на македонските лингвисти – 100 години од раѓањето на Трајко Стаматоски, 105 години од раѓањето на Божидар Видоески, 80 години од раѓањето Зденка Рибарова и 60 години од раѓањето на Убавка Гајдова.

Во рамките на оваа манифестација е отворена и изложбата „Цвеќе на мирот“ од Живко Поповски-Цветин.

Фото: Принтскрин

ИЗДВОЕНИ