Во македонскиот КИЦ во Белград завчеравечер беше отворена изложбата “Живи артефакти- (АР)тистика” на Филип Јовески, за која бројната белградска публика покажа исклучителен интерес.
Изложбата поддржана од Министерството за култура и туризам ја отвори директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, а авторот на изложбата и лично им демонстрираше на посетителите, како преку своите мобилни уреди да уживаат во необичниот, но, складен спој, помеѓу македонските традиционални мотиви и орнаменти во еден новоосвоен простор од проширена или аугментирана реалност, каква што овозможува новово време и новите алатки на дигиталната технологија.
Посетителите ќе можат да ја погледаат изложбата и во присуство на авторот, до 16 јуни.