Во преполниот салон на македонскиот КИЦ во Белград и во вистинско репрезентативно и свечено празнување на македонската култура и на македонската уметност, завчеравечер беше отворена изложбата „Пресек за скулптурата над“ од нашиот познат скулптор Славчо Спировски.  Настанот го отворија и за уметникот зборуваа директорот на КИЦ Белград,  Васко Шутаров и новинарот од Македонското радио, Тони Цифровски.

Во рецензијата за оваа изложба, Маја Чанкуловска-Михајловска пишува: „Спировски го провоцира погледот на гледачот преку ритмичката игра на полно-празното и прецизниот распоред на елементите во расчленета просторна инсталација. Во случајов, формално би го опишале склопот на овие елементи како композиција од 15 објекти со класична форма и димензија на вообичаени галериски постаменти, кои формираат квадрат (со интригантно отсуство на еден објект што би го комплетирал квадратот) и 32 плохи, поставени на различни позиции во просторот. Авторот не го занемарува просторот во кој се сместени објектите, туку, напротив, тие се позиционирани во насока на негово целосно осмислување и доживување и се презентирани со концизна, речиси математичка поставеност“.

Исклучително внимание синоќа предизвика и појавувањето на нашиот славен пијанист, Симон Трпчески, кој дојде специјално за овој повод, по својот последен концерт во Лондон, на 22 септември.

Изложбата е реализирана со поддршка на македонското Министерство за култура и туризам, а посетителите на КИЦ Белград ќе може да ја посетат изложбата до средината на октомври.

 

ИЗДВОЕНИ