На изложбата, организирана по повод 110 години од формирањето на Македонскиот фронт, се претставени 18 паноа со преку 200 фотографии како сеќавање на случувањата од Првата светска војна на македонско тло. Како што посочува директорката на Државниот архив, проф. д-р Наташа Котлар, посетителите можат да добијат историски информации, како на пример, кога се случувала Првата светска војна, кога е формиран Македонскиот фронт (1915 – 1918), но и да видат фотографии кои претставуваат сеќавање на животот на населението од овој историски период

Државниот архив денеска пред јавноста ја претстави изложбата „Македонија, Македонците, Македонскиот фронт низ објектив“, која посетителите имаат можност наредните две недели да ја видат во холот на ТЦ „Дајмонд мол“.

На изложбата организирана по повод 110 години од формирањето на Македонскиот фронт се претставени 18 паноа со преку 200 фотографии како сеќавање на случувањата од Првата светска војна на македонско тло.

Како што посочува директорката на Државниот архив, проф. д-р Наташа Котлар -Трајкова, посетителите можат да добијат историски информации, како на пример кога се случувала Првата светска војна, кога е формиран Македонскиот фронт (1915 – 1918), но и да видат фотографии кои претставуваат сеќавање на животот на населението од овој историски период.

„Еден воен историчар посочил дека Македонскиот фронт кој можеби не бил толку битен во тие воено-историски пригоди, на крајот на војната станал значајна историска приказна. Нашата намера не е да ги прикажеме воените дејства, туку луѓето кои учествувале во она што се именува како војна и воени настани. На паноата е прикажано и населението во тие воени услови, нивното секојдневие претставено преку објективот, што за нас како историчари претставува нова сфера на истражување и ново поле на создавање на историска меморија. Денешнава намера не е само сеќавање на животот во еден историски период, туку и помирувањето, најчовечкото што можеме да го понудиме. Сето ова што го гледаме е политика која станала историја и не можеме да ја промениме. Но,  денешната политика можеме да ја менуваме и креираме за да стане една солидна историја“, посочи Котлар – Трајкова.

Проф. д-р Лина Жила која работеше на подготовката на изложбата пак, посочи: „Она што е најважно за оваа изложба е сеќавањето, бидејќи ако ги немаме сеќавањата, тоа би значело дека не постоиме. Со фотографиите ние помниме, а со оваа изложба сакавме да претставиме неколку видови сеќавања. Едното е индивидуалното, преку предмети сочувани од тој период, како кутија од француски војник кој сакал тие да го потсетуваат на преживеаните моменти. Второ, сакавме да претставиме и групни сеќавања, преку фотографии од германско-бугарскиот албум за Македонскиот фронт, но и меморија – како документи кои остануваат за генерации што доаѓаат. Последниот дел е посветен на руските војници и на нивната збирка фотографии. Со оваа изложба се потсетуваме дека Македонскиот фронт спои многу народи и нации“, посочи Лина Жила, која укажа и на потребата Државниот архив, кој ја чува нашата историска меморија, да добие подобри услови за работа.

Јасмина Дамјановска, раководител на Одделението за публикување на архивскиот материјал, пак, посочи дека Државниот архив е единствената институција која ги поседува целокупната документација и пишаното наследство поврзано со Македонскиот фронт. Таа додаде дека соработници на оваа изложба се и Воениот музеј при Министерството за одбрана, Институтот за национална историја и приватните колекционери Влатко Милошоски, Диме Ратајковски и Кирил Вангелов, кои помогнале да се проследи она што беше секојдневие на Македонскиот фронт.

„Самиот наслов на изложбата кажува дека главно место има меморијата претставена преку фотографијата, направена од тогашните воени фотографи.

Изложбата ја прикажува војната не само преку фронтовската линија туку и преку секојдневието на населението во периодот на Првата светска војна. Со изложбата е забележано она што се случуваше и на фронтот и меѓу населението. Самата војна стана дел од нивниот живот, а сето она што воените сликари го забележале сега имаме можност да го видиме. Имаме претставено фотографии на Ристо Шуковиќ, српски фотограф и свештеник кој фотографирал на фронтот, американскиот фотодокументарист Мел Вевој, како и германските фотографи кои што фотографираа на Македонскиот фронт за време на нивното дејствување овде заедно со бугарската војска. Ги имаме француските фотографи и обичните француски руски и српските војници. Секоја приказна е различна, но успеавме да ги обединиме преку фотографија која го одразува тоа секојдневие меѓу цивилното и меѓу военото население“, посочи Дамјановска која нагласи дека фотографијата има клучна улога како историска меморија. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ