Изложбата насловена „Урбани трансформации“ на уметникот и професор Благојче Наумоски- Бане од вчеравечер е отворена во Културно-информативниот центар во Скопје. Љубителите на уметноста имаат можност да видат над четириесет дела од најновиот творечки циклус на уметникот.
„Овој проект на Наумоски се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде што преку акрилната техника на платно се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот, естетика која е и ригидна и динамична, парадокс на монументалното и човечкото. Во неговото јадро, „Урбани трансформации“ е одраз на тоа како светот создаден од човекот е и крут и податлив – дизајниран, но сепак отворен за реинтерпретација преку уметничка визија“, посочи меѓудругото Антонио Димитров, директор на КИЦ Скопје на отварањето на изложбата која беше проследена со голем интерес.
Проф. д-р Гордана Вренцоска, од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет Скопје, пак, кажа дека изложените дела претставуваат продолжување на неговото трагање по визуелните сензации во урбаните простори кои го опседнуваат со своите динамични композиции, геометризмот и игрите помеѓу материјалноста и апстрактното.
„За разлика од претходниот проект „Пукнатини/трансформации“ каде беа применети дигиталните техники, во овој циклус, авторот целосно се потпира на сликањето со акрилни бои на платно, со што ја нагласува човечката компонента и емоцијата што сака да преовладее во отсликувањето на овие навидум сурови архитектонски структури“, истакна Вренцоска.
Самиот автор пак, на отварањето на оваа 23. по ред самостојна изложба, кажа: “Со мојата изложба не го критикувам брутализмот, туку го земам како инспирација, како културно наследство кое што остави импозантен траг во минатиот век, но не се негува. Мојата работа како уметник е да укажам на таа проблематика и да дадам свој став“, кажа Наумоски.
Благојче Наумоски, (1985) е вонреден професор и декан на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет-Скопје. Има изложувано во Берлин (Германија), Њујорк (САД), Љубљана (Словенија), Париз (Франција), Хаифа (Израел), Прага (Чешка), Софија (Бугарија), Приштина (Косово), Виена (Австрија), Отава (Канада) итн. Исто така има учествувано на повеќе ликовни колонии. Во изминатиов период има реализирано дваесет и две самостојни и повеќе групни изложби.
Изложбата „Урбани трансформации“ ќе биде отворена до 7 јуни. (Д.Т.)