Отворена Амбасадата на Казахстан во Скопје, значаен чекор кон зајакнување на врските меѓу двете земји

127

Со свечена церемонија во Скопје денеска беше официјално отворена Амбасадата на Република Казахстан во Македонија, со што се одбележаа и 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Скопје и Астана. Амбасадорот на Казахстан, Сатибалди Буршаков, во своето обраќање истакна дека отворањето на Амбасадата претставува историски момент во односите меѓу двете земји.

-Сведочиме историски момент во развојот на односите меѓу Северна Македонија и Казахстан, како што одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Изминатата година беше исполнета со активности и можам да кажам дека постигнавме заеднички резултати. Овој настан претставува значаен чекор кон зајакнување на врските на нашите земји, изјави Буршаков.

Тој посочи дека соработката се продлабочува во повеќе сектори, вклучително и енергетиката, здравството и технологијата.

Како дел од активностите ги спомена и средбите со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, министерката за енергетика Сања Божиновска и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, како и иницијативите за регионална соработка со градовите Куманово и Караганда.

-Нашата споделена историја, бидејќи и двете земји се осамостоија во 1991 година, постави силна основа за партнерство кое продолжуваме да го градиме денес. Уверени сме дека пред нас се отвораат нови хоризонти и дека заедничките иницијативи ќе продолжат да ги зајакнуваат нашите односи, додаде амбасадорот.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ја поздрави одлуката на Казахстан да отвори резидентна Амбасада во Скопје, оценувајќи ја како „пријателски и позитивен чекор“.

-Во изминатите години сведоци сме на напредокот на нашиот политички дијалог, унапредувањето на економската соработка, како и зајакнувањето на меѓународната поддршка. Отворањето на резидентна Амбасада е јасен израз на посветеноста на двете земји да ја зајакнат комуникацијата, без разлика на географските разлики, рече Муцунски.

Настанот беше проследен од дипломатски претставници и гости од јавниот и приватниот сектор.

 

ИЗДВОЕНИ