Во присуство на претставници на дипломатскиот кор акредитиран во земјава, членови на бизнис-заедницата, претставници на локалната самоуправа, високи државни функционери, како и угледни личности од академскиот, културниот и јавниот живот, вчера, во Куманово беше отворен Почесен конзулат на Република Казахстан и беше инаугуриран Почесниот конзул на Казахстан во Куманово, Ејуп Абдулахи. На свеченоста присуствуваше и заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, кој во своето обраќање истакна дека отворањето на конзулатот е важен чекор напред во градењето мостови помеѓу нашите две пријателски земји.
-По 11 години од отворањето на нашата амбасада во Астана и отворањето на првата резидентна амбасада на Казахстан во Скопје во јули оваа година, денес со отворањето на Почесниот конзулат на Казахстан овде во Куманово, правиме важен чекор напред во градењето мостови помеѓу нашите две пријателски земји, рече Димитровски.
Тој го нагласи економското значење на овој чин, потенцирајќи дека Почесниот конзулат ќе биде катализатор за економски развој и просперитет.
-Ќе овозможи директна врска за бизнис-заедницата, ќе го олесни инвестицискиот тек во обете насоки и ќе ги поедностави трговските односи. За македонските компании се отвора директен пристап до пазарот на Казахстан, а за казахстанските инвеститори – можност да го истражат потенцијалот на нашата економија, рече заменик министерот.
Свои обраќања на свечениот настан имаа и Амбасадорот на Република Казахстан, Н.Е. Сатибалди Буршаков, како и новоименуваниот Почесен конзул на Република Казахстан во Куманово, г-дин Ејуп Абдулахи.
Амбасадорот Буршаков изрази уверување дека Канцеларијата на почесниот конзул на Казахстан во Куманово ќе придонесе за понатамошно зајакнување на билатералните односи помеѓу Казахстан и Македонија.
-Очекуваме поддршка и од Општина Куманово за активностите на Почесниот конзул. Сакам да ја искористам оваа можност да ја изразам нашата благодарност до градоначалникот на Куманово, г. Максим Димитриевски, за неговата посета на Казахстан – Астана и Караганди, во мај оваа година. Како резултат, беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Караганди и Куманово за воспоставување партнерство меѓу збратимени градови. Следните посети на претставници од Караганди – било културни или бизнис делегации – може дополнително да го прошират обемот на овој Меморандум, рече амбасадорот и потсети дека оваа година двете земји одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, јубилеј кој беше одбележан со свеченото отворање на Амбасадата на Казахстан во Скопје на почетокот на јули.
-Во изминатите децении, нашите земји воспоставија високопрофилна политичка комуникација, динамични контакти помеѓу владите и парламентите, како и културна и хуманитарна соработка, рече амбасадорот и ги посочи неодамнешните посети на Казахстан на претседателката Силјановска-Давкова на Астана, на Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, како и неодамнешното учество на поранешниот македонски претседател, Ѓорге Иванов на осмиот Конгрес на лидери на светски и традиционални религии.
Отворањето на Почесниот конзулат е значаен исчекор во насока на продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете пријателски земји, особено во областа на економијата, трговијата, културата и образованието.