Со благослов на неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва, г. г Стефан, е отворен деветтиот пункт за поделба на топол оброк и тоа во храмот „Св. вмч. Георгиј“, во селото Петровец.
Отец Оливер Петровски од хуманитарната организација „Свети Спас“ информираше дека само вчера, во новиот пункт, биле поделени 17 оброци, додека денеска 20, а се очекува бројот да расте.
Инаку, во народната кујна во црквата „Свети Спас“ се подготвуваат 195 оброци дневно или преку 5.000 оброци месечно. Како што вели отец Оливер, благодарение на сите, оваа бројка ќе се зголеми, а бројот на гладни ќе се намали. Се очекува многу брзо да бидат и преку 200 оброци дневно.
Отец Оливер за ВЕЧЕР истакна дека е во план цело Скопје да се покрие со пунктови за поделба на топол оброк.
– До крајот на годината ќе отвориме уште еден пункт кој ќе биде десеттиот, а понатаму ќе отвориме и други – најави тој.
Досега вакви пунктови има во црквата „Светите апостоли Петар и Павле“ – Горно Лисиче, во Долно Лисиче – „Света Троица“, во Драчево – „Свети Спас“, во црквата „Свети Георгиј“ во Кисела Вода, во Аеродром во црквата „Свети Николај“, во Автокоманда, во црквата „Свети Архангел и Михаил“, во Бутел, во црквата „Свети Јован Крстител“ и во Ѓорче Петров, во црквата „Свети Петар и Павле“.
(А. П.)












