Естонската Управа за сообраќај отвори „леден пат“ долг 17 километри што ги поврзува островите Хјума и Сааремаа, а кој се протега преку замрзнатото море.
Тоа е првиот леден пат отворен оваа година, отворен е бидејќи дебелиот мраз го отежнува движењето на фериботите, а возилата што го преминуваат патот мора да бидат полесни од 2,5 тони, да се движат со помалку од 20 километри на час, а возачите не смеат да користат безбедносни појаси, за да можат во случај на проблем брзо да излезат од автомобилот, објавува Гардијан.
На автомобилите не им е дозволено да застануваат и мора да одржуваат безбедно растојание едни од други, а возењето по патеката е можно само преку ден од 8:30 до 17:00 часот – последното возило смее да го напушти мразот во 16:30 часот, а во случај видливоста да падне под 300 метри, таа ќе биде затворена.












