По повод Меѓународниот ден на семејството – 15 Мај, Општина Центар распиша Јавен повик за реализација на проектот „Нож и виљушка на европска чинија“, како дел од Годишната програма за култура.
Во рамките на овој проект, планирано е претставување на карактеристични производи од традиционалната македонска и европска храна.
-Ги повикувам сите заинтересирани да се пријават на повикот за организирање на оваа веќе традиционална манифестација во срцето на Центар, во Паркот на франкофонијата. Овој настан e можност за поврзување на различни култури, запознавање со европските гастрономски кујни и нивниот начин и стил на живеење – порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Право на учество имаат сите регистрирани здруженија, организации и правни субјекти со седиште на територијата на Општина Центар, кои имаат искуство во областа на културата, туризмот и маркетингот. За пријавата потребно е да се достават: опис на концептот, агенда, портфолио од досегашна работа, финансиска конструкција и соодветни документи (тековна состојба, доказ за искуство и активна сметка).
Учесниците е потребно да понудат двочасовна програма со низа активности насочени кон унапредување на меѓународната соработка, промоција на локалните производители и анимација на сите возрасни категории.
Избраниот организатор ќе добие финансиска поддршка во износ до 300.000 денари. Крајниот рок за пријавување е пет работни дена од денот на објавата на веб-страницата на Општината.