Како дел од активностите на Здружението на граѓани „Љубезност“ е отворен Центар за социјална инклузија „Дренак“ кој се наоѓа во Кисела Вода, на улицата „Дренак“, број 34-a.
Центарот ќе овозможи пристап до психолошки, социјални и правни услуги, како и окупациона терапија, со цел поддршка во ресоцијализацијата и реинтеграцијата на често заборавените граѓани во нашето општество.
„Дренак“ претставува сегмент од поширокиот регионален проект ComeHome – Справување со бездомништвото во Западен Балкан, кој се спроведува од „Љубезност“ во партнерство со АДРА – Австрија и АДРА – Србија и е финансиран со поддршка од Сојузното Министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија.
Проектот се реализира во периодот од 1 октомври 2024 до 30 септември 2026 година и има цел да допре до најмалку 4.000 лица во Скопје и Белград. Локални партнери на „Љубезност“ се „Ромскиот ресурсен центар“ за Прилеп и „Сонце“ за Тетово.
Со отворањето на „Дренак“ се одбележаа и 10 години од работењето на „Љубезност“.
–Во изминативе години изградивме мрежа пријатели и поддржувачи (институции, компании, образовни и здравствени установи, црковни заедници, индивидуалци и други) со кои тесно соработуваме и тоа ни помага постојано да ја остваруваме нашата мисија – помош и поддршка на бездомните и социјално загрозените лице. Среќен сум што имам тим кој безрезервно се вложува во работата и помага нашите проекти да допрат до оние на кои тоа им е најпотребно – заклучи Тони Станковски, претседател на „Љубезност“.












