Шестемина писатели, драматурзи и есеисти од Балканот и од земјава, меѓу кои и годинашниот добитник на наградата „Прозарт“, словенечкиот автор Евалд Флисар, се гости на 13. издание на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. На отворањето на фестивалот, добредојде им посакаа идејните творци на фестивалот – Дејан Трајкоски и Александар Прокопиев, а вечерта ја обележаа литературните сведоштва на гостите за смислата на пишувањето, за границите на човечкото искуство и за улогата на литературата во денешниот свет

Зборувајќи за литературата и за личните искуства, шестемина писатели, драматурзи и есеисти од Балканот и од земјава, меѓу кои и годинашниот добитник на наградата „Прозарт“, словенечкиот автор Евалд Флисар, синоќа, во Даут-пашиниот амам во Скопје, го отворија 13. издание на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Покрај Флисар, кој е еден од најпреведуваните писатели од регионот, гости на годинашниот „ПРО-ЗА Балкан“ се и српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ, бугарската писателка Елена Алексиева, една од најпознатите словенечки писателки за млади читатели – Јана Бауер и домашните претставнички: поетесата, романсиерка и преведувачка од романски и од словенечки на македонски јазик, Лидија Димковска, и Хана Корнети, писателка на проза и долгогодишна уредничка на академски и на комерцијални текстови.

На гостите на фестивалот, добредојде им посакаа идејните творци на фестивалот – Дејан Трајкоски и Александар Прокопиев и писателот Владимир Јанковски, а вечерта ја обележаа личните и литературни сведоштва на гостите, кои говореа за смислата на пишувањето, за границите на човечкото искуство и за улогата на литературата во денешниот свет.

Притоа, Флисар зборуваше за повеќеслојноста на личноста и за тоа како се неговите ликови вистински кога содржат повеќе аспекти на човекот. Интересен беше неговиот осврт на бројот 13, кој постојано се повторува во неговиот живот – од датумите на важни настани, преку неговата свадба, до оваа, тринаесетта награда „Прозарт“. Според него, тоа е доказ дека бројот не носи несреќа, туку напротив – тој е негов личен среќен број.

– Интересни случки се случуваат со моите драми и можам да раскажувам за тоа до утре изутрина. Една од драмите што зборуваат за минатото и за сегашноста е „Тристан и Изолда“. Ако не ја напишев таа драма, најверојатно, немаше ни да ја добијам 13. награда „Прозарт“ – рече тој.

Потоа зборуваше неговата сопруга, Јана Бауер, една од најпознатите словенечки писателки за деца и млади, која со носталгија се наврати на времето на „усните приказни“, кога раскажувањето значело блискост, имагинација и бегање во фантастични светови.

– Живеев во аналогно време и имавме многу повеќе анегдоти. Сега е поинаку, работиме до доцна, го нема веќе тоа раскажување од постарите. За мене, како дете, беше привлечно токму фантастичното, кое ми беше бегство од реалниот свет. Повеќе пишувам за себе и се обидувам да го дофатам тој волшебен момент – рече таа.
Бауер зборуваше и за своето тежнеење кон интеркултурноста, за важноста на преводите од „мали јазици“ и за улогата на европските програми во афирмирањето на книжевностите што доаѓаат од периферијата.

Македонската писателка Лидија Димковска, родена и израсната во работничко семејство во Скопје, без голема можност да патува и да го истражува светот, се присети на мантрата што, заедно со своите врсници, ја водела низ детството: „Маџари е во Скопје, Скопје е во Македонија, Македонија е во светот“.

Ова, според неа, било начин да ги надмине границите на сопствениот живот и да се отвори кон поширокото човечко искуство. Истакна дека ја привлекуваат безграничните простори и она што не можела да го има или доживее.

– Надворешните простори постојат, но најважно е што носиме во нас. Судбината на другиот е и наша судбина ако умееме да ја препознаеме. Транзитирам од поезија кон проза – како премин преку граница. А границите ги поминуваме со совладување на стравот. Литературата е реалност и прво ние треба да веруваме во неа, а потоа и читателите – рече таа.

Бугарската писателка, драматург и сценаристка Елена Алексиева, на прашањето за процесот на пишување, истакна дека првпат размислува за тоа како „доаѓа“ јазикот. Нејзе ѝ е поблиску да го нарече интуитивен процес отколку механика.

– Пишувањето е особена состојба на мислење, различна од секојдневното – рече таа и нагласи дека никогаш не се доживувала како личност со посебен дар или талент што свесно го „користи“.

За неа, творечкиот чин секогаш е поголем од самата авторка – и тоа не од скромност туку како суштинско уверување, рече Алексиева.

Српскиот писател Небојша Лапчевиќ зборуваше за темите што го преокупираат: уметноста, љубовта, убавината, човековата душа, пропаѓањето и смртта. Тој особено се задржа на својата крушевачка опера „Лазарево време“, која била емитувана на РТС. Според него, суштинското прашање е како да се оживее и осовремени богатото историско наследство преку современи уметнички форми.
– Уметноста има обврска само кон убавината. Писателот треба да гледа целина, не делови, инаку, паѓа во апстрактна претенциозност – рече Лапчевиќ.

Средбата заврши со Хана Корнети, која говореше за искуството на живеењето меѓу култури и за важноста на мајчиниот јазик во изразувањето. Особено ја истакна улогата на внимателното слушање, како клучна писателска способност, да се впие туѓото искуство и да се преработи во сопствена уметничка визија.

– На мајчиниот јазик секогаш можеме најцелосно да се изразиме. Колку е поконкретна приказната толку е попрецизна. Пишувањето колку што има задоволство толку има и многу работа – истакна таа.

ИЗДВОЕНИ