По повеќе од 30 години, патеката од селото Цапари до месноста Цапарска Пресека е исчистена, маркирана и отворена за сите љубители на планината и за планинарите. Патеката започнува во селото Цапари, води кон Цапарска Пресека, Палиснопје, планинарскиот дом „Копанки“, преку историската патека до Инфо- центарот на НП „Пелистер“ и е со вкупна должина од 10 километри
Светскиот ден на планините, 14 Декември, и јубилејот 90 години постоење на планинарскиот спортски клуб „Пелистер“ од Битола ќе бидат свечено одбележани на падините на Пелистер.
По тој повод Федарицијата на планинарски спортови и ПСК „Пелистер“организираат планинарска акција од селото Цапари до Инфо-центарот на Националниот парк „Пелистер“. Воедно, ќе бидат доделени и признанија, а ќе има и забавен дел.
Поаѓањето е во 8:00 часот, од селото Цапари (или со организиран превоз од 6:40 часот, од паркингот на спортската сала „Битола“.
Воедно, ПСК „Пелистер“ и НП „Пелистер“ ќе ја промовираат и отворат старо-новата планинарска патека од селото Цапари до Инфо-центарот на НП „Пелистер“.
По повеќе од 30 години, патеката од селото Цапари до месноста Цапарска Пресека е исчистена, маркирана и отворена за сите љубители на планината и за планинарите. Патеката започнува во селото Цапари, води кон Цапарска Пресека, Палиснопје, планинарскиот дом „Копанки“, преку Историската патека до Инфо- центарот на НП „Пелистер“ и е со вкупна должина од 10 километри.
Во првите 1,3 километри, патеката води низ кањонот на Цапарска Река, по самиот нејзин тек, по што следува нешто пострмен дел, кој води низ повеќе стотини години старата букова шума до месноста Горна Скала на 1.200 метри надморска височина. Оттаму патеката влегува во длабока иглоисна, моликова и елова шума и серпентински се искачува до месноста Цапарска Пресека на надморска височина од 1.527 метри. Од оваа локација, по блага угорнина, се пешачи низ старата моликова шума, пелистерските морени, неколку водотеци и извори, сè до планинарскиот дом „Копанки“, кој е на надморска височина од 1.610 метри. За таму е предвидена поголема пауза и освежување. Потоа, преку историската патека од Првата светска војна, се пристигнува до Инфо-центарот на НП „Пелистер“. По патеката ќе водат лиценцирани планинарски водичи, спасувачи од ПСК „Пелистер“ и ренџери од НП „Пелистер“.












