петок, февруари 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Отстранети 28 хаварисани возила од јавни фреквентни површини од Куманово

Отстранети 28 хаварисани возила од јавни фреквентни површини од Куманово

11

Отстранети се 28 хаварисани возила од јавните површини во Куманово. Од кумановската полиција информираа дека возилата биле оставени од сопствениците кои не ги отстраниле и покрај укажувањата на припадниците на полицијата.

–По претходно изготвен план врз основа на заклучоци донесени на состанок во општина Куманово и извршени проверки од страна на СВР Куманово, полициски службеници од СВР Куманово изминатава недела презедоа конкретни мерки за отстранување на хаварисани возила на подрачјето на Куманово. Притоа, од јавните површини во градот биле отстранети вкупно 28 хаварисани возила, чии сопственици не ги отстраниле претходно и покрај укажувањето да го сторат тоа. Акцијата ќе продолжи и во наредниот период – соопштија од СВР Куманово.

Претходно, Општина Куманово иницираше средби со надлежни локални и државни институции (од општина Куманово, од СВР Куманово, од Сектор за инспекциски надзор – инспекторат, комунални дејности и координаторите на советничките групи на Советот на Општина Куманово), но беше одржан и состанок на кој беше посочено дека ќе најдат соодветен начин да се отстранат возилата од јавните фреквентни површини.

–Ги повикуваме сопствениците на тие возила да пријават на службите за да ги отстранат бесплатно возилата од јавните фреквентни површини – изјави претседателката на советот Ивана Ѓорѓиевска.

Согласно со одлука за комунален ред на Општина Куманово, сите сопственици на неисправни, хаварисани и отпадни моторни возила, кои се оставени на јавна фреквентна површина, потребно е да се одјават во Одделението за управни работи Куманово (на улица „ЈНА“, бб).

-Со добиената потврда за одјава, граѓаните треба да се јават во Секторот за инспекциски надзор – Инспекторат при Општината, на улица „Братство и единство“, број 18, Куманово (спроти градскиот стадион), со цел овие возила да бидат отстранети на сметка на колективен постапувач со хаварисани и отпадни возила – посочуваат општинските власти.

По средбата, надлежните предупредија дека ако сопствениците на неисправните или хаварисани моторни возила, оставени на јавно прометна површина не постапат согласно со законската обврска, возилата ќе бидат отстранети од колективниот постапувач со хаварисани и отпадни возила, а трошоците за отстранување ќе бидат на сметка на сопствениците на неисправните возила. Воедно, како што нагласуваат од општината, сопствениците на хаварисаните и отпадни моторни возила ќе се соочат со прекршочна постапка од соодветен орган.

 

ИЗДВОЕНИ