Во организација на невладината организација „Екосвест” се реализира првото уривање на речна препрека во државата, што се спроведе на Крива Река, во близина на Крива Паланка.
Уништувањето е дел од проектот „Повторно поврзување на реките во Македонија“ со главна цел – откривање и елиминирање на старите препреки во реките и зголемување на поврзаноста на речните екосистеми во државата.
Постојната препрека на Крива Река е бетонска градба која повеќе не ја исполнува својата првобитна функција, затоа што е оштетена. Бетонот сега го прекрива речното дно и претставува непотребна бариера во екосистемот, собирајќи наноси и ограничувајќи го движењето на рибите и останатиот воден свет.
– Во соработка со Општина Крива Паланка и Државниот инспекторат за животна средина, оваа бариера ќе биде физички отстранета од страна на нашата организација – велат од „Екосвест”, граѓанско здружение посветено на ревитализација на речните екосистеми.
Ана Чоловиќ Лешоска од „Екосвест” изјави дека ова е првата речна препрека што ќе се отстрани, и се надева дека наскоро ќе отстранат уште една непотребна бариера на реката Пчиња.
– Сакаме да покажеме дека отстранувањето на непотребните бариери во реките е неопходно и ќе даде долгорочна заштита на екосистемите. Дополнително, со оваа акција ја подигнуваме свеста дека непотребните бариери можат да претставуваат опасност по животот на локалните заедници и затоа треба да се отстранат – нагласи Чоловиќ Лешоска.
Таа истакна дека нашата земја е позната по своите богати реки, но народот сè уште не е свесен колку овие реки се изменети и заградени со разновидни објекти и за разни цели.
– Во 2024 година, „Екосвест” идентификуваше повеќе од 45 бариери само во сливот на реката Пчиња. За жал, многу од бариерите се исто така нелегални или им недостасува соодветна документација, па дури и сопственост, што нивното отстранување го прави речиси невозможно. Сега, преку тековниот проект за отстранување бариери, имаме цел да го претставиме отстранувањето на браните како практична и неопходна мерка за обновување на реките. На европскиот континент, рушењето на бариери се практикува сè почесто, со 542 забележани уништувања минатата година, според извештајот на Dam Removal Europe – истакна Чоловиќ Лешоска.
Таа додаде дека отстранувањето на бариерата на Крива Река и на реката Пчиња планирано за подоцна оваа година ќе воспостави слободен тек на делница од вкупно 72 километри.