Православната црква во Америка ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА откако вчера поглаварите на двете цркви отслужија заедничка литургија во Вашингтон. На литургијата во катедралниот храм на ПЦА „Св. Николај Чудотворец“ во Вашингтон, беше отслужена заедничка Света Литургија од Неговото Блаженство г.г. Тихон, митрополит вашингтонски и архиепископ на цела Америка и Канада, и Неговото блаженство г.г. Стефан, архиепископ охридски и македонски.
Во текот на литургијата, Митрополитот Тихон за првпат го спомна архиепископот Стефан во Диптихот на поглаварите на православните цркви – со што и литургиски беше потврдено признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од страна на Православната црква во Америка.
На литургијата сослужуваа многубројни архијереи, свештеници и ѓакони од различни помесни православни Цркви. Молитвено присуствуваше и митрополитот Американско-канадски г. Методиј.
Ова сослужување доаѓа откако Митрополитот Тихон за првпат јавно ја призна Македонската православна црква за време на 21-от Севамерикански собор, одржан од 14 до 18 јули 2025 година во Феникс, Аризона. Претходно, српскиот патријарх Порфириј побара Православната црква во Америка, во согласност со Томосот доделен од Српската православна црква, да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а што беше прифатено.
Православната црква во Америка доби Томос за автокефалија на 10 април 1970 година од Руската православна црква, со што стекна канонска независност и самоуправа. Таа очекува Томос од Вселенската патријаршија и не е признаена како автокефална од страна на сите православни цркви, меѓу кои и од СПЦ.
Изворите во МПЦ-ОА неодамна за ВЕЧЕР изјавија дека чинот на сослужување ќе значи дека од наша страна се признава канонскиот статус на ПЦА, нејзиното постоење како црква.
-Но, одлуката дали ќе ѝ го признаеме автокефалниот статус ќе биде донесена по тоа, по информирањето на нашиот Синод, кој ќе се произнесе околу тоа. Тогаш и ќе се прецизираат финесите во нашите меѓусебни односи. Инаку, од наша страна не беше побарано посредување на српскиот патријарх, Порфириј – ни изјавија нашите извори од Синодот.
Според неофицијални сознанија на ВЕЧЕР по враќањето на архиепископот г.г. Стефан во Македонија се планира оддржување на синодската седница на која ќе се разгледува и односот на МПЦ-ОА кон ПЦА. Односно, дали ќе се признае нејзината автокефалност. (Б.Ѓ.)