Отпорноста на антибиотици би можела да убива милиони луѓе ширум светот и да ја чини глобалната економија 1,7 трилиони годишно до 2050 година, според ново истражување кое го финансира британската Влада.
Истражувањето спроведено од Центарот за глобален развој предупредува дека растечката бактериска отпорност на антибиотици би можела да предизвика годишни загуби во глобалниот БДП од 1,7 трилиони долари, при што најмногу се погодени економиите на САД, Велика Британија, ЕУ и Кина, објави денес британскиот „Гардијан“.
Поединечно, истражувачите велат дека, во најпесимистичкиот случај, Кина би можела да изгуби до 722 милијарди долари годишно, САД – околу 296 милијарди долари, ЕУ – 187 милијарди долари, Јапонија – 65,7 милијарди долари и Велика Британија – 58,6 милијарди долари, пишува „Гардијан“ (The Guardian).
Само во САД, годишно би можеле да почина 1,34 милиони луѓе, а во Велика Британија – околу 184.000 лица. Трошоците за лекување на резистентни инфекции се речиси двојно поголеми од оние на стандардните, бидејќи тие бараат подолг престој в болница, поскапи лекови и посложена терапија, а вкупните трошоци во светот би можеле да достигнат 176 милијарди долари годишно.
И покрај сериозноста на проблемот, според весникот владите ширум светот ја намалуваат помошта наменета за борба против отпорноста на лекови.
– Намалувањето на помошта може да доведе до најлош можен случај во однос на порастот на отпорноста, предупреди Ентони Мекдонел, предводник на истражувачкиот труд. – Дури и земјите што ја држеле антимикробната отпорност под контрола не можат да си дозволат да останат пасивни, додаде тој.
Професорот Мохсен Нагави од ИХМЕ предупреди дека „пристапот до лекови што го имаме денес би можел да се распадне ако не дејствуваме веднаш“, додавајќи дека е потребно да се развијат нови антибиотици и да се обезбеди доволна информираност за јавноста да разбере дека антибиотиците не делуваат против вируси.