Сушата на Балканот, но и откупот на пченицата за стоковните резерви ја зголеми цената на лебното жито за еден денар. Откупот на пченицата започна пред една недела, а на терен одредени млинови почнале да ја откупуваат пченицата по 13 денари, колку што изнесува и цената за откуп за стоковните резерви. Според Гоце Сарафимов, потпретседател на Асоцијација на земјоделци, пченицата првпат се откупува за стоковните резерви од индивидуалните земјоделци, кои можат да предадат од 5 до 30 тони.
Сарафимов вели дека очекува наредната година откупот на пченицата да биде порано, како што им ветиле од ресорното министерство. Смета дека со ова цените за откуп на житните култури ќе бидат подобри и дека земјоделците ќе ги покријат штетите од намалените приноси.
Инаку, претходно, откупната цена на пченицата беше 12 денари за килограм, која беше далеку пониска од онаа што ја бараат од Националната федерација на фармери, од 18 денари за килограм. Земјоделците реагираа дека цената на пченицата е иста како пред 10 години, а трошоците се многу зголемени.
Пченицата по 12 денари за килограм се откупуваше и во 1993 и во 1997 година, кога цената на вреќа ѓубре од 50 килограми беше 380 денари, а сега е 2.500 денари, а цената на литар нафта беше 17 денари, а сега е 70 денари. Освен тоа, заштитните средства и препарати се поскапени за 300 отсто. Оваа цена не е воопшто прифатлива за производителите и ако продолжи овој тренд на откуп, ќе се откажат од оваа култура. Калкулациите на НФФ покажуваат дека еден килограм пченица со транспорт до мелница чини 15 денари. Поради тоа, од Федерацијата бараа откупната цена да биде 18 денари за килограм.
Под пченица годинава се засеани 70.000 хектари, а процените дека се произведени од 280.000 до 300.000 тони пченица. Со ова количество не ги задоволуваме домашните потреби и увезуваме од Србија. На Македонија ѝ се потребни 400 илјади тони пченица, а пред десетина години имавме најголемо производство од 330 илјади тони.
Пченицата е стратешки производ и е заштитена со закон. Тоа значи ако производствената цена е повисока од продажната, државата е должна и на земјоделците да им ја надополни разликата од производствената до продажната и да им обезбеди 25 отсто заработувачка.
Производителите на пченица велат дека ако се земе предвид дека од еден килограм брашно излегуваат три леба, кои чинат повеќе од 100 денари, тогаш може да се заклучи колку е ниска откупната цена на пченицата и колку е потценет трудот на земјоделците. Да не зборуваме за цените на белите печива и на бурекот, кои се многу покачени.