Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави денеска дека американскиот претседател Доналд Трамп добил нов предлог во кој се наведени територијалните отстапки што Украина би можела да ги разгледа за да се стави крај на руската инвазија.
Мерц за „Киев пост“ изјави дека документот е доставен откако тој и другите европски лидери разговарале по телефон со Трамп во вторникот.
„Главно се однесува на прашањето какви територијални отстапки е подготвена да направи Украина“, им рече Мерц на новинарите, нагласувајќи дека само „украинскиот претседател и украинскиот народ“ можат да одлучуваат за такви прашања.
Зеленски потврди претходно оваа недела дека се подготвуваат три документи како дел од поширокиот мировен пакет: рамковен план од 20 точки на кој сè уште се работи и посебен документ за безбедносни гаранции што се изготвува заедно со американските и европските партнери, заедно со сеопфатен план за реконструкција на Украина.
Трамп изрази фрустрација кон Украина и нејзините европски сојузници Германија, Франција и Велика Британија во средата, велејќи дека за време на разговорите со европските лидери биле разменети „остри зборови“.
Мерц рече дека за овој викенд се планирани понатамошни разговори со американски претставници и дека поширок меѓународен состанок за Украина „би можел да се одржи на почетокот на следната недела“.
„Дали Вашингтон ќе учествува зависи од заедничките нацрт-предлози што сега се финализираат“, рече германскиот канцелар.












