Откриено поголемо количество амфетамин во Скопје, ОЈО поведе постапка против шест лица

15

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе постапка против шест лица, поради основано сомнение дека заеднички вршеле продолжено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Предистражната постапка на Основното јавно обвинителство Скопје во соработка со Министерството за внатрешни работи траеше неколку месеци, а дел од доказите беа обезбедени со примена на посебни истражни мерки.

Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници врз основа на обезбедени судски наредби, извршија претреси на повеќе локации во Скопје и Куманово заради целосно разоткривање на лицата и нивните активности кои траеле подолг временски период.

Согласно обезбедените докази, постои сомнение дека тие заедно со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, така што претходно неовластено набавувале, држеле и продавале психотропна супстанца – амфетамин, кој е класифициран во Националната Листа II на контролирани психотропни супстанции, како и 3,4-метилен-диоксиметамфетамин (MDMA)-психотропна супстанца, класифициранa во Националната Листа I на контролирани психотропни супстанции.

При претресите на неколку локации беа пронајдени околу 6 килограми амфетамин, но и повеќе таблети, пакувања со растителна материја, како и други предмети кои се предмет на вештачење по наредба на јавниот обвинител.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа за сите шест лица лишени од слобода, временски период неопходен за прибирање докази, анализа на обемниот доказен материјал и за завршување на вештачењата.

ИЗДВОЕНИ