Поранешниот американски кошаркар, Гери Пејтон, процени дека Леброн Џејмс троши речиси два милиона долари годишно грижејќи се за своето тело и за да остане во врвна форма.
Џејмс (40) влегува во својата 23. НБА-сезона. Неодамна, тој објавува видеа од своите тренинзи во пет часот наутро или порано, покажувајќи колку им е посветен на подготовките за претстојната сезона со Лос Анџелес лејкерс. Неговата неверојатна долговечност дури предизвика и некои теории. Поранешниот НБА-бек, Џеф Тиг, еднаш се пошегува дека Леброн, можеби, користел стероиди додека играл за Мајами хит.
Во меѓувреме, Пејтон, поранешен играч на Лејкерс што си замина оттаму пред доаѓањето на Леброн, верува дека тој инвестира огромна сума пари за да го одржи своето тело во врвна форма.
– Тој троши речиси два милиона годишно на своето тело – рече Пејтон во поткаст.
Сепак, во март, Леброн се насмеа за шпекулациите дека троши милион долари годишно на своето тело.
– Човеку, немам поим од каде доаѓа тоа. Јас се грижам за моето тело, тоа е вистина, но навистина не знам од каде доаѓа таа сума. Дефинитивно инвестирам во моето тело – рече Џејмс во тоа време.
Неговата рутина вклучува многу работа на меките ткива, како што се масажи, хипербарна комора и ледени бањи, за да остане во врвна форма. Претходно ова лето, суперѕвездата ја искористи својата опција за договор од 52,6 милиони долари за да остане со Лејкерс.
Минатата сезона, имаше просек од 24,4 поени, 8,2 асистенции и 7,8 скока на 70 натпревари и заработи место во вториот тим на НБА. Најдобриот стрелец во историјата на лигата беше шампион четири пати и МВП на финалето сите четири пати, како и МВП на лигата исто толку пати.