Тројца државјани на Бугарија се уапсени во Демир Хисар, под сомнение дека извршиле кражба и незаконско изнесување добра што се водат како културно наследство. Полицијата соопшти дека ги привела А. К. (44), К. К. (48) и В. Г. (50).
Првите двајца биле затечени во патничко возило „фолксваген голф“ со бугарски ознаки, додека В. Г. управувал комбе „пежо боксер“, исто така со бугарски национални регистарски таблици. При прегледот на возилата, била пронајдена поголема количина предмети и делови од народна носија, за кои осомничените не можеле да обезбедат доказ за потекло.
Етнолог од Музејот во Битола извршил стручна процена и утврдил дека се работи за делови од традиционални македонски народни носии, кои се класифицирани како културно наследство. Овие предмети се со посебен режим – забранети се за продажба и промет без дозвола од надлежните институции.
Полицијата информира дека по целосно документирање на случајот и во координација со јавен обвинител, против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за делата кражба и изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости.












