Научници потврдија дека во дојранското подрачје постојат мешани популации на македонскиот мраморец (Тriturus Мacedonicus) и балканскиот мраморец (Тriturus Ivanbureschi), како и нивни хибриди.
– Генетски анализи покажуваат дека Дојран се наоѓа долж зоната на хибридизација помеѓу балканскиот (Тriturus Ivanbureschi) и македонскиот мраморец (Triturus Macedonicus). Според тие резултати, тука се присутни мешани популации од македонскиот мраморец и хибриди на двата вида, што значи дека деталното проучување на овие популации е клучно за разбирање на нивните динамики – нагласуваат од Македонското еколошко друштво (МЕД).
Оттаму додаваат дека ова е особено важно за национално загрозениот балкански мраморец (според Меѓународната унија за заштита на природата – IUCN), чија дистрибуција може потенцијално да се намали со продолжена хибридизација.
Македонскиот мраморец или тритон (Triturus Macedonicus) е балкански ендемичен водоземец со југозападна дистрибуција, кој цел живот живее во водните тела или во близина на нив (бари, локви и сл.).