Два нови растителни вида, Euphorbia skopjensis и Euphorbia balcanica, се идентификувани во рамките на научно истражување спроведено од Македонското еколошко друштво (МЕД), соопштија од организацијата. Euphorbia skopjensis е ендемичен вид ограничен на Скопскиот Регион, додека Euphorbia balcanica е субендемичен и се среќава во Македонија, Албанија и во Косово. Научниците посочуваат дека откривањето на овие видови создава основа за нивна идна заштита и придонесува за зачувување на биолошката разновидност во регионот

 

Два нови растителни вида, Euphorbia skopjensis и Euphorbia balcanica, се идентификувани во рамките на научно истражување спроведено од Македонското еколошко друштво (МЕД), соопштија од организацијата.

Истражувањето е реализирано како дел од програмата за поддршка на младите еколози „Д-р Љупчо Меловски“ и опфатило анализа на морфолошката и на геномската разновидност на растителната група Euphorbia glareosa на територијата на Македонија. Во студијата биле споредени и популации од Бугарија, Романија и од Турција.

– Проектот, раководен од Ангела Шаровиќ-Иванова, со учество на Иван Арсов како помлад истражувач, покажа висока геномска варијабилност кај испитуваните таксони во сите четири земји. Овие резултати ја потврдуваат научната теза дека Балканскиот Полуостров претставува една од најзначајните „жешки точки“ на биолошкиот диверзитет во Европа – нагласуваат од МЕД.

Оттаму додаваат дека врз основа на анализата на морфолошките карактеристики, големината на геномот и на дополнителните молекуларни податоци биле идентификувани два нови вида за науката. Euphorbia skopjensis е ендемичен вид ограничен на Скопскиот Регион, додека Euphorbia balcanica е субендемичен и се среќава во Македонија, Албанија и во Косово.

Научниците посочуваат дека откривањето на овие видови создава основа за нивна идна заштита и придонесува за зачувување на биолошката разновидност во регионот. Воедно, истражувањето отвора можности за понатамошни студии, вклучително и напредни молекуларни анализи, со цел подобро разбирање на таксономскиот статус и еволутивното потекло на сродните популации.

 

 

ИЗДВОЕНИ