ОТКРИЕНИ АДУТИТЕ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ – 312 кандидатури за градоначалници и 575 листи за советници: Осумнаесетмина во рингот за Град Скопје

340

По завршувањето на рокот за поднесување кандидатски листи за локалните избори 2025 година, до општинските изборни комисии се доставени вкупно 312 кандидатури за градоначалници и 575 листи за советници во општините и Градот Скопје. Во бројката се вклучени и кандидатурите поднесени од политички партии и оние од групи избирачи.

Најголем интерес е забележан во Град Скопје, каде се поднесени 18 кандидатури за градоначалник и 20 листи за членови на Советот на Градот. Во Охрид има 11 кандидати, Прилеп – 10, Струга – 9, Битола 8 кандидати… Најмногу советнички листи освен во Скопје се поднесени и во Битола – 16, Охрид и Штип- 11, Струга, Прилеп, Лозово…- 10…

– Согласно со роковникот за спроведување на изборите, општинските изборни комисии веднаш по приемот на листите доставуваат барања до институциите кои ги поседуваат потребните податоци за проверка на исполнетоста на законските услови, најдоцна до 14 септември. По завршувањето на проверките и евентуалното отстранување на неправилности, потврдените листи треба да се достават до ДИК најдоцна до 20 септември, кога ќе биде утврден и редоследот во единствената листа на кандидати. По завршување на целата процедура, ДИК ќе ги објави сите потврдени листи по општини што ќе учествуваат на претстојните избори, информира денеска ДИК.

За споредба, во 2021 година, на седми локални избори вкупно запишаните 1.824.864 граѓани својот глас можеа да го дадат за вкупно 10.831 кандидати. Од нив 299 кандидати беа за градоначалници, а останатите за советници, на 91 листа поднесена од група избирачи односно независни, и 31 листа од политички партии и коалиции.

Инаку, завчера во сите македонски општини и во Градот Скопје партиите и независни кандидати беа мобилизирани за да ги предадат пријавите за учество на изборите пред истекот на рокот кој беше на полноќ меѓу саботата и неделата.  Кандидатурите беа доставувани лично од кандидатите или, пак, преку овластени предлагачи во просториите на Општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје. Комисиите, веднаш по приемот, утврдуваа дали листата е поднесена навремено и во согласност со Изборниот законик. Ако листата е поднесена правилно, ОИК или ИКГС ја потврдува во рок од 24 часа. Во случај на неправилности, предлагачите имаат 48 часа за отстранување на забелешките или за замена на кандидат што не ги исполнува условите. Листите можат да се повлечат само целосно, во рок од 48 часа од потврдувањето.

Редоследот на листите ќе биде утврден со ждрепка што ДИК ќе ја одржи најдоцна на 25 септември. Утврдените листи ќе бидат објавени најдоцна 23 дена пред изборите, а во општините каде над 20 отсто од граѓаните зборуваат друг службен јазик, тие ќе бидат објавени и на тој јазик. До 27 септември, политичките партии што учествуваат во изборниот процес ќе го потпишат Кодексот за фер и демократски избори. Претходно, минатата недела, и македонското Собрание усвои своја Декларација за фер и демократски избори.

Листа на кандидат за градоначалник, односно листа на кандидати за членови на совет, кои се поднесени од ист подносител добиваат ист реден број во сите општини и градот Скопје. Редоследот на кандидати во листата на кандидати, ДИК го утврдува со ждрепка и тој број е ист во сите општини и градот Скопје, a во општината, односно градот Скопје каде нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен и на негово место ќе биде

напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место. Листите на кандидат/и предложени од коалиција предводена од една иста политичка партија, без разлика на бројот на политичките партии во коалицијата во различни општини односно градот Скопје, имаат ист реден број.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ завчера информира дека ги комплетирала листите за советници и кандидати за градоначалници кои ќе настапат на претстојните локални избори. Ѓорѓија Сајкоски, генералниот секретар на партијата, рече дека за градоначалници ги избрале оние што покажале добри резултати во изминатите четири години, но има и нови кандидати кои се профилирани ликови во средините од каде што доаѓаат.

– За листи за советници се избрани луѓе кои се предлог на месните и на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Можам да констатирам дека партијата е комплетно мобилизирана, дека ќе имаме голем успех на следните локални избори. Исто така, можам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ на следните локални избори ќе има плус советници и плус градоначалници во споредба од она што го имавме  во 2021 година – изјави Сајкоски.

Генералниот секретар Александар Саша Димитриевиќ во неделното интервју на РСЕ информира дека најголема опозициска партија СДСМ ќе има 64 кандидати за градоначалници, а во речиси сите општини ќе одат со советнички листи.

– СДСМ очекува да ја задржи локалната власт во општините каде ја има и досега, но се надева и на победа во други општини. Очекувањата се граѓаните да го препознаат концептот што го нуди СДСМ, а тоа се чесни кадри со сериозна визија за заздравување на општините и на градовите. Ќе понудиме сериозна програма, ќе понудиме сериозни луѓе, ќе понудиме нешто што е изводливо и нешто што е функционално пред сè за граѓаните. Не ветуваме чуда и не ветуваме бајки што нема да може да се да се остварат. Ветуваме реални решенија за реалните проблеми со коишто граѓаните се соочуваат секојдневно. Очекувам СДСМ да ја врати довербата од граѓаните на локалните избори. Апсолутно очекуваме да освоиме повеќе од минатогодишните 150.000 гласови – рече Димитриевиќ.

Партијата Левица најави дека на претстојните локални избори ќе настапи со сопствени кандидати за градоначалници во општините Струга, Тетово и Гостивар. Во Струга, кандидат е актуелната пратеничка и генерален секретар на партијата, Јована Мојсоска, во Тетово, за градоначалничка ќе се бори д-р Катка Божиновска, доктор на правни науки, а во Гостивар Дарко Грујоски, ИТ-специјалист.

-Нашите кандидати се луѓе со кредибилитет, знаење и професионални компетенции, кои ќе управуваат на темел на идеологија и програма, а не на етнотрибализам, клиентелизам и корупција – соопшти Левица. (Б. Ѓ.)

Кандидатот на ЗНАМ за Центар, Лабудовиќ: Хаосот мора да запре

Центар заслужува конечно работите да се решаваат системски, со една јасна визија за многу почист и побезбеден Центар во кој има ред и организација, порача Мирослав Лабудовиќ, кандидат на Движењето ЗНАМ за градоначалник на скопската општина Центар. Движењето ЗНАМ завчера поднесе кандидатури за него и за листата за советници во Центар и во Советот на Град Скопје

– Оваа денешна слика на Центар мора да се промени. Центарци знаат што е најдобро за нив, Центар е наш заеднички дом. Ќе го вратиме сјајот и редот со квалитетни системски решенија. Овој хаос мора да запре. Ќе го ослободиме просторот, ќе го исчистиме, озелениме и повторно ќе го слушаме детскиот џагор во маало. Знаеме како – изјави Лабудовиќ.

Носител на листата за Советот на Град Скопје на ЗНАМ генерал Горанчо Котески, поранешен началник на Генералштабот на АРМ, порача дека Скопје мора да добие поинаков, со системски пристап во управувањето.

– Влегуваме чесно и со јасен план и визија, со волја да ги решаваме проблемите со кои се соочува градот Скопје. Граѓаните заслужуваат функционален, организиран и чист град, а ние знаеме како да го постигнеме тоа – изјави Котески.

Во Куманово, пак, Максим Димитриевски, актуелен и кандидат за градоначалник на претстојните избори, ја објави целата листа со кандидати за советници. Носител на листата е Ивана Ѓорѓиевска, наставник по македонски јазик, инаку претседателка на Советот на општина Куманово.

ИЗДВОЕНИ