Страотна железничка несреќа се случи во недела навечер во германската покраина Баден-Виртемберг, кога регионален експресен воз излета од шините. Според последните информации, најмалку четири лица загинаа, додека десетици патници се повредени.
Два вагона целосно излетаа од шините и се превртеа на падина покрај шините. Снимките и фотографиите од местото на настанот покажуваат како спасувачите работат на отворање на вагоните и се обидуваат да ги извлечат заробените патници, додека во позадина се слушаат вресоци и повици за помош.
Контролниот центар во Ројтлинген интерно пријави таканаречен „инцидент со масовни жртви“, што доведе до распоредување на голем број пожарникари, амбулантни возила и полиција.
Веднаш беше започната истрага, а првичните наоди укажуваат дека причина за несреќата е лизгање на земјиштето предизвикано од обилните дождови, објавува германскиот БИЛД.
„Тука врнеа обилни дождови, па затоа не може да се исклучи дека најверојатна причина за трагедијата е токму свлечиштето. Ова сега е предмет на истрага“, рече министерот за внатрешни работи на Баден-Виртемберг, Томас Штробл, кој пристигна на местото на несреќата.
Според информациите објавени од „Швебише Цајтунг“, се претпоставува дека малку земја и остатоци паднале на шините, по што возот се лизнал налево. Предниот дел од возот бил катапултиран околу пет метри по падината и удрил во дрвја, што предизвикало целосно исфрлање на вагонот од шините.
На местото на настанот во неделата доцна вечерта се трагаше по повредените и евакуација на останатите патници, додека спасувачките екипи се обидуваатда го обезбедат теренот за да спречат понатамошни свлечишта.