ФОТО: YOUTUBE/screenshot
Студијата го мапирала целиот каталог на заразни болести преку анализа на ДНК од коските и забите на 1.313 луѓе кои живееле низ Европа и Азија (Евроазија) од раното камено доба, пред околу 12.500 години, до пред околу 200 години – при што најстариот примерок датира од пред 37.000 години.
Истражувачите откриле дека најраните докази за зоонотски болести – болести пренесени од животни на луѓе – датираат од пред околу 6.500 години, а станале пораспространети околу 1.500 години подоцна.
„Долго време се сомневавме дека транзицијата кон земјоделство и сточарство отворила врата кон нова ера на болести – сега ДНК ни покажува дека ова се случило пред најмалку 6.500 години“, рече професорот Еске Вилерслев од универзитетите во Кембриџ и Копенхаген.
„Овие инфекции не само што предизвикале болести – тие можеби придонеле за колапс на популацијата, миграција и генетска адаптација“, додаде тој.
Студијата ја пронајде најстарата генетска трага од Yersinia pestis, бактеријата чума, во примерок стар 5.500 години. Се проценува дека помеѓу една четвртина и половина од населението на Европа починало од чума во текот на средниот век.
„Ова е едноставно најстариот пример на чума што сме го виделе досега“, рече Фредерик Серсхолм од Универзитетот во Копенхаген.
„Кога ќе го погледнете ова откритие, навистина можете да видите како чумата еволуирала со текот на времето до верзијата што ја знаеме од „Црната смрт“ – пандемијата на чума што ја погоди Европа во 1346-1353 година и на некои места убила до 40 проценти од населението.“ Исто така, пронајдени се траги од 11.000-годишна дифтерија, 9.800-годишен хепатитис Б и 4.200-годишна маларија. Вкупно, истражувачите идентификувале 214 познати човечки патогени кај праисториските луѓе од Евроазија. Студијата е објавена во среда во списанието „Nature“.
Професорката Астрид Иверсен од Универзитетот во Оксфорд изјави дека зоонозите станале вистински проблем пред околу 5.000 години.
„Зоонозите првпат станаа голем проблем за луѓето кога почнавме да ги чуваме животните заедно во големи стада и да живееме блиску до тие животни“, рече Иверсен.
„Ова значеше дека животните можеа полесно да се заразат и ризикот од нивно заразување на луѓето се зголеми“, додаде таа.
Авторот Мартин Сикора од Универзитетот во Копенхаген изјави дека разбирањето како болестите се развивале во минатото „може да ни помогне да се подготвиме за иднината“.
Вилерслев се согласува, велејќи дека мапирањето на античките болести може да помогне во развојот на денешните вакцини.
„Можете да видите кога вирусот и бактериите мутирале, како мутирале, колку брзо се променил геномот – и кои мутации изгледаат особено значајни“, рече Вилерслев. „А мутациите што биле успешни во минатото веројатно ќе се појават повторно“, објасни тој.