– Откривањето на јавната римска бања на локалитетот Долиште претставува ексклузивен наод на систем за загревање, а димензиите, кои се 11 на 9 метри, укажуваат на голема градба. Овој тип бањи се изум на римјаните во античкиот свет. Годинава се откриваше нов дел од оваа просторија во рамките на бањата, во која луѓето што доаѓале да ја одржуваат хигиената – се потеле (т.н. судаториум), објаснува археологот Душко Темелкоски од прилепскиот Завод и музеј
Јавната римска бања на античкиот локалитет Долиште, меѓу селата Прилепец и Волково, која беше откриена во 2022 година од археолозите од прилепскиот Завод и музеј, со најновите археолошки ископувања дава нови сознанија за тој период. Локалитетот е регистриран како античка населба што постоела од раната (6-5 пр. н.е.), па сѐ до доцната антика, односно до залезот на Римската Империја. Според археологот Душко Темелкоски, на овој локалитет, во педесеттите години од минатиот век била пронајдена богата остава со 208 сребрени монети на македонски и на пајонски кралеви. Во 2016 г. се истражувал просторот за погребување, а во 2017 г. – градба од стопански карактер.
– Откриените движни наоди, како керамички фрагментирани садови, делови од накит и сребрени и бронзени монети, го потврдуваат континуитетот на населбинско егзистирање на поширокиот простор во споменатиот временски интервал. Од нумизматичките наоди, откриени се монети од македонските кралеви Александар III и Персеј, а од подоцнежниот римски период, монети на Август, Тибериј и на други римски императори – вели археологот Темелкоски.
Откривањето на јавната римска бања претставува ексклузивен наод на систем за загревање, а димензиите, кои се 11 на 9 метри, укажуваат на голема градба.
– Овој тип бањи се изум на римјаните во античкиот свет. Конкретно, системот за загревање, таканаречен хипокаустен систем, се состои од две подни нивоа. На првото ниво се изѕидани керамички столпчиња од керамички кружни тули, а врз нив лежеле масивни правоаголни керамички плочи, кои, всушност, го претставувале горното висечко подно ниво. Меѓу двата пода во празниот простор струел топлиот воздух и така се загревала просторијата од бањата. Тоа е, всушност, еден вид подно загревање – објаснува археологот Темелкоски.
Инаку, оваа година, во рамките на годишната проектна програма поддржана со 180.000 денари од Министерството за култура и туризам, се откриваше нов дел од оваа просторија во рамките на бањата, во која луѓето што доаѓале да ја одржуваат хигиената – се потеле (т.н. судаториум).
– Евидентиран е и сегмент од уште една просторија од бањата, т.н. префурниум, во која се ложел оган, кој го затоплувал воздухот што струел под подното ниво на просторијата за потење. Римските бањи од овој тип се појавиле во средината на 1 век пред нашата ера. Покрај двете наведени простории, имале уште соблекувална, просторија со базен со топла вода, друга со базен со студена вода и трета со базен со млака вода. Помали бањи во рамките на своите луксузни куќи имале побогатите граѓани од тоа време, додека за другото население на градовите биле градени јавни бањи како што е бањата кај Прилепец – вели Темелкоски.
Според огромните димензии од 11 х 9 метри на просторијата за потење, која се истражува, како и според откриениот мермерен столб од преку 2,5 м во должина, кој бил покрај влезот од надворешната страна, оваа бања била една од најголемите римски јавни бањи, споредбено со откриените во другите антички градови кај нас.
– Во однос на тоа кој град егзистирал на поширокиот простор кај селото Прилепец, би можело да е тоа сè уште неубицираниот град Пелагонија. Со истражувањата оваа година, од движните наоди има два значајни наода на бронзени монети, една на Александар III и една кована од градот Пелагонија. Монетите на градот Пелагонија што се ковале веднаш по поделбата на античка Македонија, а по окупација од Рим во средината на 2 век пред нашата ера, се мошне ретки – додава Темелкоски.
Во дворот на селската црква во Прилепец, во минатото, мештаните донеле неколку мермерни плочи со натписи што зборуваат за значењето на градот, но без споменување на негово име.
– Во наредните години, прилепскиот Завод и музеј планира да продолжи со откривањето на бањата кај Прилепец, односно на веќе евидентираната просторија, како и на другите нејзини простории. Што се однесува до пунктовите каде што со претходните кампањи се истражени неколку локации за погребување, добиени се солидни сознанија, односно потврдување на континуитетот на користење на просторот во античко време, во период од околу 800 години, така што не се планираат истражувања во тој правец. Исто така, не се планираат и нови истражувања на градбата од стопански карактер, со оглед на мошне тешката земја за ископување во тој сегмент од локалитетот. Со идните истражувачки активности околу дооткривањето на римската бања, се планира паралелно да се вршат и конзерваторски зафати за да бидат заштитени откриените ѕидови од деструкција и, во исто време, постепено да се подготвува градбата за презентација пред пошироката јавност, како атрактивна дестинација во рамките на културниот туризам – истакнува Темелкоски.
(Д.Т.)