Во услови на високи регионални тензии, Израел и Иран воспоставија необична тајна комуникација кон крајот на минатата година, со посредство на Русија. Тие разменија пораки преку Москва, уверувајќи се меѓусебно дека нема први да започнат воен напад, според дипломати и регионални претставници запознаени со контактите, објави „Вашингтон пост“.
Неколку дена пред да избувнат масовните протести во Иран кон крајот на декември, израелските власти му кажаа на Техеран дека Израел нема да го нападне Иран доколку не биде нападнат. Иран одговори преку истиот канал дека нема да се вклучи ниту во превентивни напади.
Оваа размената на пораки е особено невообичаена со оглед на длабокото непријателство меѓу двете земји, кои водеа 12-дневна војна во јуни минатата година. Дипломатите велат дека Израел сакал да избегне поширока ескалација додека се подготвувал за воена кампања против Хезболах во Либан, сојузник на Иран.
Приватните уверувања биле во спротивност со јавната реторика на израелските претставници кон крајот на минатата година, кога отворено навестувале можност за нови напади врз Иран со цел да се запре обновувањето на резервите на балистички ракети.
Внимателност во Техеран
Иако иранските претставници позитивно одговориле на израелската иницијатива, тие останале внимателни, изјавиле двајца функционери запознаени со размената на пораки. Иран сметал дека, дури и ако израелските гаранции се искрени, останува можност американската војска да изведе напади врз Иран како дел од координирана кампања, додека Израел би ја насочил својата воена моќ исклучиво кон Хезболах.
Сепак, „за Иран тоа беше добар договор“ да остане надвор од можен судир меѓу Израел и Хезболах, изјавил висок регионален функционер под услов на анонимност. Американски претставници навеле дека иранската поддршка за Хезболах ионака ослабела, додека Техеран се соочува со внатрешни немири.
Не е јасно како протестите во Иран во последните недели ги промениле пресметките на двете страни и дали тие и понатаму ќе се придржуваат до приватниот договор. Аналитичарите сметаат дека ситуацијата дополнително може да ја искомплицира и фактот што американскиот претседател Доналд Трамп разгледува напади врз цели на иранскиот режим како одговор на задушувањето на протестите, што би можело да го испровоцира Иран на одмазда кон Израел.
Висок ирански функционер изјавил за Ројтерс дека, доколку Иран биде нападнат, ќе возврати со удари врз американски воени бази на Блискиот Исток, без да го спомене Израел меѓу потенцијалните цели.
Улогата на Москва во посредувањето
Последната размена на пораки се случила кон крајот на декември, недолго откако иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ја посетил Москва. Русија и претходно се обидувала да посредува меѓу двете земји. Според руски академик близок до дипломатските кругови, Кремљ претходно му понудил посредување на Трамп, но тој ја одбил понудата, порачувајќи им на Русите „прво да се позанимаваат со Украина“.
Не е познато дали размените во декември се одвивале со знаење на Вашингтон. Израелската јавна телевизија КАН минатата недела објави дека премиерот Бенјамин Нетанјаху неодамна побарал од рускиот претседател Владимир Путин да пренесе пораки до Иран. Портпаролот на кабинетот на Нетанјаху и портпаролот на Кремљ не одговориле на барањата за коментар.












