Откриен проспект од 38 страници: По војната, САД планираат една деценија да ја администрираат Газа

95

Кога ќе заврши војната, САД би требало една деценија да ја администрираат разурнатата Газа, привремено преместувајќи го населението и обновувајќи ја енклавата како туристичко одморалиште и производствен центар.

Ова, како што објави „Вашингтон пост“ се содржи во планот на администрацијата на Доналд Трамп за повоена Газа, наречен „Обнова на Газа, економско забрзување“. Весникот наведува дека имал увид во проспект од 38 страници, според кој населението на Појасот Газа, кое брои два милиона, ќе биде евакуирано во друга земја или во ограничени области во рамките на територијата за време на реконструкцијата.

„Ројтерс“ претходно објави дека постои предлог за изградба на големи кампови наречени „Хуманитарни транзитни зони“ во Газа и евентуално надвор од неа за сместување на палестинското население. Овој план е развиен од Хуманитарната фондација за Газа, или ГХФ, контроверзна хуманитарна група поддржана од САД. „Вашингтон пост“ наведува дека на секој што поседува земјиште ќе му биде понуден „дигитален токен“ во замена за правото да го обнови својот имот, а на секој Палестинец што ќе замине ќе му бидат дадени 5.000 долари во готово и субвенции за покривање на кирија за четири години. Исто така, ќе биде обезбедувана и храна во текот на една година, пренесува „Телеграф“.

На почетокот на август, ОН соопшти дека повеќе од 1.000 луѓе се убиени обидувајќи се да внесат помош во Газа, откако ГХФ почна со работа во мај 2025 година. Повеќето од нив се застрелани од израелските сили кои дејствуваат во близина на локациите на ГХФ. Белата куќа и Стејт департментот не одговорија веднаш на барањето за коментар, но планот за обнова на Газа се чини дека е во согласност со претходните најави на Трамп. Во февруари тој изјави дека САД треба да „ја преземат контролата“ врз воено разурнатата енклава и да ја обноват како „Ривиера на Блискиот Исток“ откако ќе го преселат палестинското население на друго место.

ИЗДВОЕНИ