Долгогодишен американски агент тајно се обидел да го регрутира пилотот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро во план да го уапси и екстрадира во Соединетите Држави, каде што се соочува со обвиненија за трговија со дрога, објави Асошиејтед Прес, повикувајќи се на извори.
Според АП, планот за регрутирање на пилотот вклучувал луксузни приватни авиони, тајни состаноци во хангар, дипломатски игри и обиди да се придобие еден од најблиските помошници на венецуелскиот лидер.
Агентот на американската служба за внатрешна безбедност (HSI) Едвин Лопез, тогашен аташе во Доминиканската Република, дознал дека два приватни авиони што често ги користел Мадуро биле однесени во земјата на поправки.
Лопез добил дозвола да разговара со венецуелскиот воен персонал кој дошол да ги земе авионите.
Во мај 2024 година, на аеродромот во Санто Доминго, тој му понуди на пилотот на Мадуро, Битнер Вилегас, договор – ако го пренасочи летот на претседателот кон локација каде што американските власти би можеле да го уапсат, или во Доминиканската Република, Порторико или во базата во заливот Гвантанамо на Куба, наведувајќи дека тоа ќе го направи Вилегас „многу богат човек и херој на Венецуела“, објавува АП.
Вилегас, член на елитната претседателска гарда, не ја прифати понудата, но го остави својот телефонски број и продолжи повремениот контакт со агентот преку шифрирана апликација.
„Сè уште имате време да станете херој на Венецуела и да застанете на вистинската страна од историјата“, му рекол агентот на пилотот во една од пораките, објави американската агенција.
Откако Вилегас ја одби понудата на Лопез, некои од противниците на Мадуро се обидоа да фрлат сомнеж врз неговата лојалност.
Поранешниот американски функционер Маршал Билингсли објави порака на социјалните мрежи по повод роденденот на пилотот, заедно со фотографии што укажуваат на неговите контакти со американскиот агент.
Пораката е објавена точно една минута пред авионот што често го управува Мадуро да полета од Каракас, но се вратил на аеродромот 20 минути подоцна, предизвикувајќи шпекулации дека пилотот бил повикан на сослушување, додава АП.
Објавата, која ја виделе речиси три милиони луѓе, предизвика бран коментари на социјалните мрежи.
Вилегас не се појавил во јавноста неколку дена, но на 24 септември се појавил во воена униформа во телевизиска емисија водена од министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабело.
Кабело се насмевнал и ги отфрлил тврдењата дека венецуелските офицери можеле да бидат поткупени, нарекувајќи го Вилегас „лојален патриот“, додека пилотот ја кренал тупаницата во знак на лојалност кон претседателот Мадуро.
Во текот на летото, американската војска распореди илјадници војници, хеликоптери и воени бродови во Карибите во операции против венецуелските трговци со дрога, убивајќи 57 лица во најмалку 13 напади, според АП.
Трамп, исто така, ја овласти американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) да спроведува тајни операции во Венецуела овој месец и ја зголеми наградата за апсење на Мадуро.












