ОТКАКО ЗАВРШИ РОКОТ ЗА СОБИРАЊЕ ПО ДВА ПОТПИСА: Свештеници, сценографи, инженери, економисти… 69 независни за 38 општини

1721

Најразлични професии имаат независните кандидати, кои собраа по два потписа за да се кандидираат за градоначалничката функција во некоја од македонските општини. По истекот на рокот синоќа на полноќ, ДИК денеска соопшти дека вкупно се пријавени 69 иницијативи за предлагање листи за градоначалници на општините и за градоначалник на Град Скопје и 68 иницијативи за предлагање листи на советници за советите на општините и за Советот на Град Скопје.

-Се собраа потписи за независните кандидати за градоначалници за општините: Пробиштип, Македонска Каменица, Куманово, Крива Паланка, Охрид, Дебарца, Прилеп, Долнени, Струга, Дебар, Струмица, Радовиш, Брвеница, Свети Николе, Гевгелија, Демир Капија, Кичево, Македонски Брод, Кочани, Чешиново-Облешево, Битола, Могила, Новаци, Ресен, Гостивар, Демир Хисар, Виница, Сарај, Центар, Аеродром, Карпош, Шуто Оризари, Арачиново, Кисела Вода, Зелениково, Студеничани, Чучер Сандево и за градоначалник на Градот Скопје, се наведува во информацијата.

Се додава дека се собрале потписи и за независните листи за членови на советите на општините и за Советот на Градот Скопје за општините: Пробиштип, Македонска Каменица, Куманово, Старо Негоричане, Охрид, Дебарца, Прилеп, Долнени, Струга, Дебар, Босилово, Ново Село, Струмица, Тетово, Штип, Свети Николе, Лозово, Кичево, Македонски Брод, Кочани, Чешиново-Облешево, Кавадарци, Битола, Могила, Ресен, Демир Хисар, Карпош, Сарај, Центар, Чучер Сандево, Кисела Вода, Зелениково, Студеничани и за Советот на Градот Скопје.

Од податоците што ги наведуваат кандидатите се гледа дека тие имаат и невообичаени професии, кои, очигледно, не им се проблем да сметаат дека може успешно да ја извршуваат градоначалничката функција. Вчера, на последниот ден од рокот за собирање потписи, свештеникот Благоја Спироски од кичевското намесништво на МПЦ-ОА го исполни главниот услов за кандидатура. Тој, инаку, е свештеник во пензија, но и натаму ја извршува оваа дејност. Спироски ни рече дека се кандидирал и од причина што смета дека меѓу кандидатите за кичевски градоначалник треба да има и етнички Македонци.

– Пред почетокот на рокот за собирање потписи, ветив дека доколку нема пријавени етнички Македонци, јас ќе се кандидирам. Чекав до последниот ден и во 18:20 часот ги собрав потребните потписи. Како што го исполнив ова ветување така ќе ги исполнам и другите ветувања кон сите кичевци, без оглед на верата и на националната припадност. Со оглед на тоа што сум свештеник, ќе барам и благослов од надлежниот митрополит Георгиј и се надевам дека нема да има пречки за кандидатурата. Ќе потсетам само дека и некогашниот архиепископ, г.г. Михаил, беше кандидат за претседател на државата – ни изјави овој свештеник, кој и натаму одржува богослужби во овој регион.

Во Битола, пак, ќе има повеќе кандидати со различни професии. Актуелната претседателка на општинскиот Совет, Габриела Илиевска, веќе поднесе кандидатура.

– Пари за кампања и за маркетинг немам воопшто, ама имам храброст, знаење, интегритет, чесност и достоинство да излезам против сите што досега само ја крадеа Битола. Време е Битола да биди независна – објави неодамна Илиевска.

Таа, инаку, по професија е клинички биохемичар и работи во битолската болница „Трифун Пановски“. Но, има и големо искуство во работата на битолскиот Совет, каде што беше во три мандати.

Еден од нејзините противкандидати е архитектот и сценограф Зоран Николовски, вработен во Заводот и музеј Битола. Познат е по бројните проекти и поставки во музеите низ земјава, како и по јавните архитектонски идеи за поубава Битола, кои ги објавуваше на социјалните мрежи.

– Јас не сум политичар, јас сум архитект. Архитектот е конструктивен, политичарот е деструктивен. Целиот мој живот му го посветив на родниот град и многу добро знам што му треба и како да го направам тоа – изјави Николовски за битолскиот портал „Апла“.

Во Кочани, пак, покрај актуелниот градоначалник Венко Крстевски, независна кандидатура објави и Зоран Тодоров, економист по професија и граѓански активист.

– Јас сум човек од дела, не од зборови. Јас сум еден од основачите на повеќе организации, преку кои со конкретни акции и хуманитарни иницијативи со години им помагаме на оние на кои најмногу им треба. Верувам во солидарноста, верувам дека овој град има душа, но таа душа бара нов глас – наведе Тодоров во објавата на „Фејсбук“.

Неодамна, своја кандидатура за градоначалник на Куманово објави Горан Стојковски, по професија правник што работи во општинскиот Сектор за урбанизам.

– Програмата на „Ред за Куманово“ се темели на пет столба: чисто, уредно, функционално, безбедно и живо Куманово. Предвидува решенија за најголемиот проблем – хигиената, нови паркинзи, подобар јавен превоз, намалување на сообраќајниот метеж, канализациски системи… – соопшти тој.

Горан Марковски, актуелен декан на Градежниот факултет во Скопје и кандидат на граѓанската платформа „Независни заедно“, по професија е инженер.

– Скопје е во агонија. Потребна му е визија ослободена од корупција, култура наместо популизам, стандарди наместо импровизации. Оваа моја кандидатура е повик за заедничка борба за град што ќе им служи на граѓаните, а не на тесните интереси – порача Марковски неодамна.

На локалните избори пред четири години имаше вкупно 25 кандидати за градоначалници и 57 листи за советници. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ