Цените на нафтата денес пораснаа за еден процент, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги ублажи непосредните геополитички стравувања во врска со Гренланд.
Тој рече дека САД сакаат да ја преземат контролата врз Гренланд преку преговори и нема да употребат сила, објави „Трејдинг економикс“.
Цените на суровата нафта паднаа претходно за околу 1,5 проценти, бидејќи обновениот притисок на Трамп врз Гренланд и новите закани со царини кон Европа предизвикаа загриженост за трговските тензии и послабата глобална побарувачка.
Расположението се подобри по неговите коментари во Давос, дури и кога односите меѓу САД и ЕУ остануваат напнати, а трговскиот договор беше ставен на чекање откако Европскиот парламент го замрзна гласањето за ратификација.
Цените на нафтата исто така пораснаа откако Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) ја зголеми својата прогноза за раст на глобалната побарувачка за нафта за 2026 година и малку ги намали очекувањата за прекумерна понуда, иако сè уште проектира значителен суфицит.
ИЕА соопшти дека залихите би можеле да се зголемат за 3,7 милиони барели дневно оваа година, што ќе изврши притисок врз цените, пренесува „Танјуг“.












