Откако шеријатскиот суд во Индонезија ги осуди за кршење на исламскиот закон: Двајца мажи беа јавно камшикувани поради прегрнување и бакнување

46

Двајца мажи во индонезиската покраина Ачех беа јавно камшикувани откако шеријатскиот суд ги осуди за кршење на исламскиот закон со прегрнување и бакнување на јавно место, соопштија локалните власти.

Мажите, на возраст од 20 и 21 година, беа казнети со 80 удари со ратан стап пред публика од околу 100 луѓе во парк во градот Банда Ачех, објави „АП“, пренесува „Танјуг“.

Тие беа уапсени во градскиот парк Таман Сари во Банда Ачех откако локалното население им кажа на полицијата дека ги виделе како влегуваат во истиот тоалет во паркот.

Полицијата ги пронајде во тоалетот како се бакнуваат и прегрнуваат.

Осум други лица беа камшикувани истиот ден за прељуба и коцкање.

Ачех е единствената покраина во Индонезија што го применува шеријатскиот закон, воведен во 2006 година, а телесната казна се користи за морални прекршоци, вклучувајќи секс меѓу невенчани лица, хомосексуални односи, коцкање и пиење алкохол.

„Амнести Интернешнл“ го осуди камшикувањето на двајцата млади мажи, нарекувајќи го „вознемирувачки чин на дискриминација и суровост санкционирана од државата“, додека локалните власти нагласија дека казната имала за цел да ги одврати идните прекршоци.

ИЗДВОЕНИ