четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ОТКАКО СДСМ СЕ ПОЖАЛИ ДО ЕУ Мицкоски: Моите чувства се уште посилни

ОТКАКО СДСМ СЕ ПОЖАЛИ ДО ЕУ Мицкоски: Моите чувства се уште посилни

573

Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, има уште посилни чувства дека високи функционери од претходната Влада на СДСМ ќе бидат опфатени со одредени прогони. Тој денеска вака одговори на новинарското прашање врзано за поплаките кои во форма на писмо СДСМ ги испратил до повеќе институции на Европската Унија и до амбасадорите на земјите членки во Македонија, откако Мицкоски пред неколку дена соопшти дека „има такви чувства“.

– Секој има право да пишува и да праќа писма, но моите чувства се посилни – одговори Мицкоски на прашањето за коментар за потегот на најголемата опозициска партија.

Претседателот на партијата, Венко Филипче, во името на СДСМ упати официјални писма до Европската Унија, Европската комисија, Европскиот парламент, известувачот за Македонија, како и амбасадорите на земјите членки на ЕУ, за сериозното нарушување на демократскиот и уставниот поредок, поделбата на власта и владеењето на правото во Македонија.

– Подолг период сведочиме на системско поткопување на поделбата на власта, владеењето на правото и основните принципи на уставноста. Постои реална и основана загриженост дека извршната власт спроведува координирана стратегија за навлегување во судската независност, што укажува на јасна и на систематска инсталација на авторитаризам – стои во писмата.

Директно се посочува улогата на премиерот Христијан Мицкоски и се нотираат најавите со закани врз опозицијата и најавата за политички прогон. Премиерот неодамна го кажа следното:

– Имам чувство, дека набргу, високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на Влада, нивни блиски од семејството итн. ќе бидат опфатени со одредени прогони. Имам чувство, не велам дека имам информации, имам чувство.

Од СДСМ наведоа дека со ваквото однесување, користејќи ги двете функции – премиер и претседател на ВМРО, Мицкоски ги претвора државните институции во инструмент на партиска пресметка, а истовремено ги користи како заштитен штит за сопствените структури, наведува претседателот Филипче во писмата. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ