ОТКАКО ПОРАНЕШНИОТ ВОДАЧ НА ПОА ПОБАРА ПОГОЛЕМИ ЕПАРХИИ: Владиката Петар: Сите понижувања од СПЦ беа дело на Вранишкоски!

Сите понижувања беа на негово инсистирање. Ако некој има најмногу заслуги што нам ни е сменето името на државата, знамето, тоа е негова заслуга и заслуга на ПОА, е ставот на преспанско-пелагонискиот митрополит и член на Синодот на МПЦ-ОА

119

Сите понижувања што ги добивме од СПЦ беа дело на Јован Вранишкоски и на неговата ПОА, е реакцијата на преспанско- пелагонискиот митрополит, Петар, на неодамнешното интервју на актуелниот крушевско-демирхисарски митрополит, Јован Вранишкоски. Владиката Петар, кој пред три години му отстапи дел од Епархијата со која раководи, реагира на барањето и ставот на Вранишкоски дека трите епархии што ги добиле поранешните достоинственици на ПОА во процесот на помирување со СПЦ биле „мали и нефункционални“. Преспанско-пелагонискиот митрополит реагира и на другите ставови на Вранишкоски, а кои се однесуваат на процесот на нормализирање на односите меѓу МПЦ-ОА и СПЦ, која пред три години ни го даде томосот за автокефалност, по непризнавањето долго 55 години.

– Секогаш се фали дека тој бил многу заслужен за автокефалноста на МПЦ. Па сите понижувања што ги добивме ние од СПЦ беа негово дело. Сите понижувања беа на негово инсистирање. Ако некој има најмногу заслуги што нам ни е сменето името на државата, знамето, тоа е негова заслуга и заслуга на ПОА. Тие никаде немаа едно М. Затоа беа примани во сите цркви, затоа што требаше да се смени името. Тоа што имаме спор со Цариградската патријаршија околу името и она што мораме да го кажуваме за државата, тоа е негова заслуга, заслуга на ПОА – изјави владиката Петар во телевизиско интервју за емисијата „Наткаст“.

Овој влијателен митрополит додаде дека прашањето со СПЦ одамна ќе било решено да не бил Јован, кој, според него, ги довел во заблуда владиците на СПЦ и ги лажел дека народот во Македонија е со него. Потоа потенцираше дека кога се ангажирал тој, на СПЦ ѝ станало јасно дека била излажана од Вранишкоски и така се дошло до решение за автокефалноста.

– Мене ми е жал што се случи тоа сега. Ако не излезеше тој со некои вакви изјави и да бара дека тие епархии биле нефункционални, а добиле преку леб погача, немаше да излезам да дискутирам ако не излезеше тој да каже невистини. Никој не очекуваше да му дадам дел од мојата епархија оти сите браќа архиереи не би се согласиле да му дадат ни пусто село без ниту еден верник. На што личи тоа кога велат дека кај епархиски архиереји не е надминат расколнички менталитет. Така ли се пристапува кон МПЦ-ОА? Така ли се влегува во Црквата? Сè додека и во Црквата има неказнивост, сè додека кај нас има расчинети свештеници и свештеномонаси што ја напуштиле службата, а не се расчинети, а некои од нив се омажени, оженети, ние не личиме на црква. Како што се бара во државата да профункционира правниот систем така треба да биде и во Црквата за да бидеме автокефална црква – нагласи владиката Петар, кој потсети на судењето на Вранишкоски, обвинувајќи го дека бил материјалист и растурач на Црквата.

Поранешниот водач на ПОА, Вранишкоски, неодамна изјави дека заедно со двајцата епископи Марко и Јоаким ќе го отвори пред Синодот прашањето за функционалноста на епархиите кои ги добија и со кои управуваат сега.

– Со архиепископот имаме коректен однос, сосема коректен однос. Немаме проблем, освен што нагласуваме дека епархиите што ни беа доделени нам од поранешната ПОА се многу мали и нефункционални. Мене ми е подобро во мала епархија, но тие се нефункционални. Нема доволно средства да се одржува администрацијата. Тоа е она што е проблем. Крушево е колку едно поголемо село. Демир Хисар нема ниту црква. Има една црква на гробишта. Таму е опустошен крајот. Има едно село во Демирхисарско во кое има двајца жители. Ние ништо не баравме тогаш. Целата работа беше да се реши проблемот и за сè се согласивме. Меѓутоа, сега сакаме да го поставиме тоа прашање на дневен ред, прашањето за функционалноста на епархиите – рече митрополитот Јован во интервјуто.

И епископот делчевско-каменички, Марко, изјави за весникот ВЕЧЕР дека епархиите што им се доделени се мали и дека тешко функционираат, па ќе побараат од Синодот да најде решение. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ