Здружението на ловци „Стогово” – Дебар предупредува на, како што наведува, загрижувачка појава во градот и населените места, каде сè почесто диви животни како мечки, диви свињи, волци и лисици се приближуваат до населените места но и влегуваат во нив. Оваа појава, посочуваат, претставува зголемена опасност за граѓаните и жителите во руралните подрачја, но и во градот.
– Овој феномен најчесто се случува во есенскиот период, кога дивите животни – особено мечките – бараат повеќе храна за да се подготват за зимата. Пред неколку дена, во доцните вечерни часови, граѓаните на Дебар се соочија со возрасна мечка на главниот булевар во градот, што претставуваше сериозна опасност, стои во известувањето на здружението.
Во соопштението се додава дека без намера да се создаде паника, но со цел да се заштитат граѓаните, ја чувствуваат обврската да дадат неколку важни совети како да се постапува во вакви ситуации.
– Останете смирени – не правете брзи движења и не трчајте, повлекувајте се полека наназад, без да му го свртите грбот на животното, зборувајте со тивок и смирен глас, за мечката да разбере дека сте човек. Не ја гледајте директно во очи – тоа може да го сфати како провокација. Доколку е на поголемо растојание, направете мала бучава (плеснете со раце, зборувајте со нормален тон) за да се оддалечи. Ако пак е блиску и сè уште не ве забележала, останете мирни додека не се оддалечи. Веднаш известете ја полицијата, шумската служба или општината, советуваат од здружението.
Од здружението ги советуваат граѓаните како треба да се однесуваат во случај да наидат на мечка – е клучно да не трчаат – мечката е многу побрза од човекот; да не викаат и не да не го предизвикуваат животното; да не му приоѓаат за фотографии или видеа, никогаш да не ја хранат – ќе се навикне да се враќа повторно; да не ја следат во шумата; да не оставаат храна надвор од домот или објектите.
Здружението на ловци е секогаш подготвено да им помогне на граѓаните и да соработува со надлежните институции за спречување на вакви случаи, порачуваат од здружението.












