Одлуката за враќање на споменикот на Ќосето (1855-1953) со кама в рака беше донесена од Советот на Град Скопје, во декември 2023 година. За враќање на споменикот гласаа 15-мина советници од ВМРО-ДПМНЕ, четворица од Левица, по еден од Демократскиот сојуз, Гром и советничката Ирена Витина, која излезе од ВМРО-ДПМНЕ и ја поддржа Арсовска. Инаку, враќањето на споменикот предизвика бура реакции на социјалните мрежи
Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953) со кама в рака повторно е вратен во Скопје. Тој беше поставен вчеравечер, на кружниот тек кај хотелот „Континентал“, на нов бетонски постамент. За тоа, во кратко соопштение без детали, информираше Град Скопје.
– Со поставувањето на спомен-обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев- Ќосето, им оддаваме признание на неговиот неуморен дух и на саможртвата во борбата за слободна и независна Македонија. Андон Лазов-Ќосето, познат по своите борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и за независноста на нашата држава – соопштија градските власти.
Постапката за враќање на споменикот на Андон Лазов-Ќосето, кој беше поставен пред комплексот судови во Скопје, ја започна актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, која во 2023 година бараше тој да биде поставен на нова локација, кај хотелот „Континентал“, односно на крстосницата меѓу булеварите „Александар Македонски“ и „Беласица“, североисточно од кружниот тек.
– Се работи за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери, чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство. Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да `рѓосува по магацини, затоа апелираме час поскоро да биде ставена оваа точка на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана. Ова е уште еден начин да ја исправиме неправдата и да им се оддолжиме на луѓето што го дале својот живот за независна и суверена Република Македонија, да ги паметиме и чествуваме хероите од кои ниту еден не смее да биде заборавен – истакна тогаш Арсовска.
Одлуката за враќање на споменикот на Ќосето (1855-1953) со кама в рака беше донесена од Советот на Град Скопје, во декември 2023 година.
За враќање на споменикот гласаа 15-мина советници од ВМРО-ДПМНЕ, четворица од Левица, по еден од Демократскиот сојуз, Гром и советничката Ирена Витина, која излезе од ВМРО-ДПМНЕ и ја поддржа Арсовска.
Споменикот беше отстранет од пред комплексот судови од претходникот на Арсовска, Петре Шилегов, во 2018 година, со образложение дека бил дивоградба, односно дека е поставен без решение на инвеститорот – Град Скопје. Тогаш споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод Тито“ во Скопје.
Споменикот на Ќосето е еден од петте споменици што ги доби Град Скопје како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.
Споменикот беше поставен пред судовите во 2014 година, кога Коце Трајановски беше градоначалник на Град Скопје.
(А. П.)