Сигурно верувате дека освојувањето милиони на лотарија може да го промени животот на подобро, но за еден човек тоа не донесе ништо друго освен тага и трагедија.
Били Боб Харел од Тексас работел во локална продавница за храна кога го освоил џекпотот од 31 милион долари во јуни 1997 година. Државната лотарија соопшти дека неговата комбинација од броеви за брзо избирање била единствената добитна комбинација во целата рунда.
Притисок во бракот
Некое време подоцна, Били отпатувал во Остин за да ја подигне првата од вкупно 25 годишни плаќања, во вредност од 1,24 милиони долари. На официјалната церемонија, тој ги опиша борбите низ кои поминал во животот, заедно со своето семејство.
„Не сакав да се откажам. Сите ми велеа дека ќе биде подобро. Не сфатив дека ќе биде толку подобро“, рече тој.
Потоа открил дека неколку пати бил отпуштен од работа и дека тешко се справувал со грижата за својата сопруга Барбара Џин и нивните три деца, објавува „Мирор“.
Сепак, добивката од милион долари со текот на времето создала притисок во бракот, што на крајот довело до развод. Не поминало долго време пред Били да му признае на финансиски советник дека освојувањето на џекпотот е „најлошото нешто што му се случило“.
Оставил три писма
Две години по добивката, на 22 мај 1999 година, Били се самоубил во својот дом, во луксузното предградие на Хјустон, Кингвуд.
Полицијата соопшти дека се заклучил во спалната соба, се соблекол, а потоа си пукал во градите. До него биле пронајдени три писма. Едно, адресирано до неговата поранешна сопруга, гласело: „Не го сакав ова. Само те сакав тебе“.
Сепак, ова не е единствениот случај кога освојувањето огромна награда довело до трагедија.
Трагедија во Канада
Во соседна Канада, Џералд Мусвагон освои 10 милиони долари, откако купи билет за Супер 7 во 1998 година. Ги потроши парите на луксузни возила, пространа куќа која наскоро стана „куќа за забави“ и бројни вредни предмети што им ги даде на пријателите и роднините.
Наводно, само за еден ден купил осум телевизори со голем екран за да ги подели на своите роднини.
Сепак, набргу по победата, во неговиот роден град Винипег почнаа да кружат гласини дека ги потрошил парите на алкохол и дрога.
Во текот на следните години, тој завршил во затвор неколку пати поради сообраќајни прекршоци и обвинувања за сексуална злоупотреба. А потоа, во 2005 година, извршил самоубиство во гаражата на своите родители.
Пред неговата смрт, адвокатот на Џералд изјавил дека имал големи тешкотии да се прилагоди на животот откако го освоил џекпотот.












