EPA/ROBERT GHEMENT

Американецот Џордан Столц (21) го освои златниот медал во брзо лизгање на 1.000 метри на Зимските олимписки игри во Кортина д’ Ампецо. Столц победи со нов олимписки рекорд од 1:06,28 пред Холанѓанецот Џенинг де Бу со 0,50 секунди побавно време, додека Кинезот Жонгјан Нинг освои бронза со време од 1:07,34.

Столц со тоа стана првиот не холандски олимписки шампион во машка трка на 1000 метри од Ванкувер 2010 година.

Младиот Американец стана познат во 2023 година на Светското првенство во Херенвен кога стана првиот лизгач кој освои три индивидуални златни медали на едно СП (500, 1000, 1500), а истото го повтори и следната година во Калгари.

Приказната на Столц започна на замрзнато езерце зад семејниот дом во Кеваскум, Висконсин, каде што петгодишниот Џордан почнал да тренира. Брзо го прогласиле за „феномен“, а тој дебитираше на Олимписките игри во Пекинг на 17-годишна возраст, завршувајќи на 13-то место на 500 метри и 14-то на 1000 метри.

EPA/TERESA SUAREZ

Пристигна во Кортина со желба да освои четири медали.

„Во најдобар случај, секако, би сакал да освојам четири медали, од која било боја“, рече тој со насмевка на прес-конференцијата на американската репрезентација пред првиот настап.

Веќе го споредуваат со легендарниот Ерик Хајден, кој ги освои сите пет поединечни дисциплини во Лејк Плесид во 1980 година. Токму Хајден го опиша Столц како „феномен“, фалејќи го неговиот успех.

„Не мислам дека Џордан сè уште знае колку високо може да ја постави летвата“, изјави Хајден за „Вашингтон Каунти Инсајдер“.

 

ИЗДВОЕНИ