Норвежанецот Стурла Холм Леграде го освои бронзениот медал во биатлон, на трката на 20 километри на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина, а она што се случи потоа ќе влезе во спортската историја. Веројатно, првпат еден спортист ѝ посвети таков успех на девојката што ја изневерил неколку месеци претходно. Тој сè уште се кае поради тоа што се случило, па откако го освои бронзениот медал, проговори за најубавата жена на светот и за најголемата грешка што ја направил во животот – прељубата.

Свесен дека девојката што ја сака, можеби, не го слуша неговиот говор, тој раскажа сè што му беше на ум.

  • Има некој со кого сакав да го споделам ова, кој, можеби, денес не го гледа ова. Пред шест месеци ја запознав љубовта на мојот живот, најубавата и најљубезна личност на светот. Но, пред три месеци ја направив мојата најголема грешка и ја изневерив. Сакав да бидам добар пример. Бев неверен и морав да ѝ ја кажам вистината. Тоа беше најтешката недела во мојот живот – рече Леграде, при што очите му се наполнија со солзи.

Сега проговори и неговата девојка, велејќи дека „тешко дека ќе му прости“.

  • И покрај тоа што ми изјави љубовта пред цел свет, тешко дека ќе му простам. Не избрав да бидам во оваа позиција и ме боли што морам да поминувам низ ова. Бевме во контакт и тој го знае моето мислење за сè – рече девојката, која побара да остане анонимна.

Инаку, ова му е втор медал на норвешкиот биатлонец на Зимските олимписки игри. Пред четири години, во Пекинг, кога беа Норвежаните најбрзиот тим, тој беше дел од штафетната екипа 4×7,5 километри. Леграде има и низа одлични резултати на светските првенства досега, освојувајќи седум златни, шест сребрени и еден бронзен медал.

ИЗДВОЕНИ