Осветени темелите на параклисот на архангел Михаил

27

Во животот сè се менува, се менуваат времињата, цивилизациите, градовите растат или се намалуваат, но Божјите светилишта остануваат вечни, токму поради вечните вредности што се случуваат во нив.

Викендов, во Гевгелија, на просторот на новиотградски парк близу булеварпт „Гевгелија“, беа осветени темелите на едно ново светилиште, параклисот посветен на соборот на свети архистратег Михаил и сите небесни сили.

Осветувањето, во присуство на министерот за култура и туризам – Зоран Љутков, пратеничката во македонското собрание – Ангелинка Петкова, градоначалникот на Општина Гевгелија – Андон Сарамандов, членови на општинскиот Совет, како и на голем број верници, го изврши митрополитот повардарски, г. Агатангел, во сослужение на митрополитот тетовско-гостиварски, г. Јосиф, како и на свештенството на Гевгелиската епархија.

– Вознемирен сум духовно денес, бидејќи желбата за изградба на нов црковен храм во Гевгелија, конечно, ми се оствари. Се вознесуваме сите заедно во овој прекрасен ден, затоа што по повеќе од 140 години, нашата генерација ја има таа чест да се обедини и да ги осветиме темелите на новото светило во овој убав град, Гевгелија. Верувам дека народот што живее во овој дел од градот ќе има потреба од духовно преобразување, затоа што црквата е духовно лечилиште за сите нас, за искупување на нашите гревови и спасение на нашите души – истакна по осветувањето митрополитот повардарски, г. Агатангел.

Идејата за изградба на ваков нов верски објект во Општина Гевгелија е присутна веќе подолго време меѓу верниците, како и меѓу целокупното гевгелиско свештенство. Покрај постојните две цркви во самиот град Гевгелија, „Вознесение Христово“ и „Свети Кирил и Методиј“, со ширењето на градот во насока запад-северозапад, се создаде потреба за изградба на нов верски храм. Станува збор за целосно нов верски објект. Спомен-обележјето ќе биде донација од МПЦ – Охридска архиепископија, Повардарска православна епархија Велес, со вкупна вредност од 10.127.554 денари.

Основниот проект за изградба на параклисот е изработен од градежната фирма „Слемепроект“ од Штип, чиј сопственик е архитектот и дипломиран инженер Благој Здравев од Штип. Верскиот објект „Параклис посветен на св. архангел Михаил“ ќе биде со вкупна нето-површина од 79,30 квадратни метри, од кои на тремот ќе отпаднат 8,50 квадратни метри, просторот за верници треба да биде со површина од 46,98 квадратни метри, додека површината на олтарот ќе биде 23,90 квадратни метри. Висината на објектот, заедно со крстот, ќе изнесува 15,77 метри.

(Љ .А.)

 

ИЗДВОЕНИ