Сè уште не може да се почувствува новогодишна магија во метрополата. Додека во другите градови на големо се најавуваат претпразничните програми, скопските власти сè уште не известуваат дали е избрана фирмата што ќе биде задолжена да ги постави новогодишните украси и 13-метарската елка на Градскиот плоштад и кога ќе почне новогодишното украсување. Само се знае дека за таа цел ќе бидат издвоени 70.000 евра од градската каса. Нема ниту информација кој ќе ги забавува скопјани на пречекот на Нова година на Градскиот плоштад. Единствено Општина Центар го заврши новогодишното украсување. Другите скопски општини се со половични информации за тоа што сè подготвуваат пред новогодишните и божиќните празници, бидејќи, како што велат, сè уште не се завршени распишаните јавни набавки
Сè уште не може да се почувствува новогодишна магија во метрополата.
Додека во другите градови на големо се најавуваат претпразничните програми, скопските власти сè уште не известуваат дали е избрана фирмата што ќе биде задолжена да ги постави новогодишните украси и 13-метарската елка на Градскиот плоштад и кога ќе почне новогодишното украсување. Само се знае дека за таа цел ќе бидат издвоени 70.000 евра од градската каса.
Нема ниту информација кој ќе ги забавува скопјани на пречекот на Нова година на Градскиот плоштад.
И другите скопски општини се со половични информации за тоа што сè подготвуваат пред новогодишните и божиќните празници, бидејќи, како што велат, сè уште се во тек распишаните јавни набавки.
Единствено Општина Центар го заврши новогодишното украсување.
Во однос на новогодишното украсување, од Општина Аеродром кратко ни одговорија дека сѐ уште не е целосно дефинирано.
– Кога ќе имаме информации, ќе споделиме – кратко одговорија од Општината.
Од Општина Гази Баба се надеваат дека ќе има новогодишно украсување доколку нема проблеми со тендерот, кој ќе заврши на 12 декември 2025 година.
– Украсувањето ќе започне од 15 декември ако биде сè во ред со тендерот. Планирано е да се украси плоштадот во Автокоманда, а предвидени се и новогодишни настани, делење новогодишни пакети и музичка програма за децата – информираат од Општина Гази Баба.
Според надлежните од Бутел, Општината ќе блесне новогодишно, но кога точно не се знае, бидејќи и таму тендерот сè уште не е завршен.
– Украсувањето би започнало од втората половина на декември. Ќе бидат украсени општинската зграда, скверот пред неа, ќе има новогодишна елка накитена со светлосна завеса, а ќе бидат украсени и улиците. Како и секоја година, за децата ќе има новогодишна програма со нивните омилени ликови – велат од Општина Бутел.
Оттаму додаваат дека сето тоа нема да ги чини повеќе од ланската година, кога биле потрошени 1.500.000 денари.
И од Општина Ѓорче Петров информираат дека и годинава се планира празнично уредување на јавните површини.
– Новогодишното украсување ќе биде реализирано во следниов период, а активностите ќе започнат наскоро, согласно со подготвителниот план на службите – нагласуваат од Општината.
Велат дека во пресрет на претстојните празници, подготвуваат богата програма насочена кон најмладите жители на Општината.
– Предвидена е тридневна новогодишна забава за децата – „Винтер стрит фестивал“, како и новогодишен базар, кој ќе се одржи на 25, 26 и на 27 декември – обелоденија од локалната самоуправа.
Притоа, наведуваат дека буџетското планирање за овие активности е во завршна фаза и дека ќе биде објавено, како што велат, согласно со принципите за транспарентност.
Дополнително, најавуваат дека разгледуваат уште неколку содржини во духот на празниците, за што навремено ќе ја информираат јавноста.
– Доколку биде организиран официјален пречек, локацијата и програмата ќе бидат објавени веднаш по донесувањето на конечната одлука – порачуваат од Општина Ѓорче Петров.
Меѓутоа, според Бирото за јавни набавки, Општината распишала тендер за новогодишно украсување на 4 декември 2025 година и според него, се предвидува поставување елка висока 10 метри и канделабрите да бидат обвиткани со светилки. Ќе има и ѕвездено небо во должина од 200 метри. Воедно, ќе биде осветлена и Саат-кулата, на неа ќе биде поставена 3Д светлосна панделка, а ќе биде поставено и ѕвездено небо. Инаку, понудите во рамките на оваа јавна набавка ќе можат да се испраќаат најдоцна до 19 јуни 2025 година, до 10:00 часот.
(А. П.)












