Осумте земји на кои американскиот претседател Доналд Трамп им се закани со царини издадоа заеднички одговор. Соопштението го потпишаа Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство.
- Заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и ризикуваат опасна спирала надолу, се вели во соопштението.
Групата нагласи дека „ќе продолжи да биде обединета и координирана во својот одговор“ и дека е посветена на „зачувување на нашиот суверенитет“.
- Ние сме во целосна солидарност со Кралството Данска и народот на Гренланд. Надоврзувајќи се на процесот што започна минатата недела, ние сме подготвени да се вклучиме во дијалог врз основа на принципите на суверенитет и територијален интегритет, зад кои цврсто стоиме.
Во соопштението се додава дека неодамнешната, претходно координирана данска воена вежба во Гренланд „не претставува закана за никого“.











